Денес во рамки на кампањата на РСБСП „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“, РСБСП во соработка со Министерството за внатрешни работи, Отсекот за превенција при СВР Скопје и општествено одговорната компанија „Интертурс“ ДООЕЛ Скопје – организираше посета за учениците од основното училиште „Јоаким Крчовски“ во Волково на РСБСП.
Цел на посетата беше одблиску да се запознаат со работата на Советот и да видат како изгледа еден работен ден посветен на подобрување на безбедноста на сообраќајот. Во рамки на просториите на РСБСП беше одржано едукативно предавање посветено на безбедноста во сообраќајот како дел од заложбите „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“. Главната цел е преку едукација и интеракција да ги поттикнеме најмладите учесници во сообраќајот на одговорно и безбедно однесување и запознавање со сообраќајните правила и прописи.
Преку интерактивна презентација, разговор, квиз и практични совети, децата имаа можност да научат како безбедно да се движат во сообраќајот, како и кои се улогите на институциите во заштитата на пешаците и другите учесници во сообраќајот.
Оваа посета претставува значаен чекор во насока на јакнење на свеста кај најмладите за важноста од одговорно учество во сообраќајот и ја потврдува заложбата на РСБСП и партнерите во кампањите за подобрување на безбедноста сообраќајот на патиштата.










