ОДГОВОРНОТО УЧЕСТВО ВО СООБРАЌАЈОТ Е НАЈВАЖНО ЗА БЕЗБЕДНО ПАТУВАЊЕ И БЕЗБЕДНО ВРАЌАЊЕ ДОМА*
По повод престојниот празник 11 октомври, продолжениот викенд и очекувањата за зголемената раздвиженост и фреквенција на возила на патиштата, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) упатува апел до сите учесници во сообраќајот да бидат особено внимателни, одговорни и доследни во почитувањето на сообраќајните правила и прописи.
Продолжените викенди се период кога поголем број граѓани патуваат, што значи зголемено присуство на возила и пешаци на патиштата, подолги патувања и поголем ризик од сообраќајни незгоди. Затоа, секое патување треба да започне со свест дека безбедноста не смее да биде оставена на случајноста.
РСБСП апелира до возачите:
* почитувајте го ограничувањето на брзината и прилагодете ја брзината на движење според условите и состојбата на патот;
* не управувајте со возило под дејство на алкохол и психотропни супстанци
* не користете мобилен телефон и деуги електронски уреди додека управувате со возилото;
* користете сигурносен појас на секое патување, без оглед на должината на релацијата;
* користете соодветна детска седиште и задолжително обезбедете ги децата;
* одржувајте безбедно растојание и избегнувајте ризични престигнувања и ненадејни маневри;
* пред подолго патување проверете ја техничката исправност на возилото, особено пневматиците, сопирачките и системите за осветлување;
* доколку сте уморни, не продолжувајте да возите – направете пауза и одморете се.
РСБСП посебно потсетува дека брзањето, невниманието и преценувањето на сопствените возачки способности можат да имаат несакани последици. Неколку минути порано на крајната дестинација, никогаш не се поважни од човечкиот живот.
Апелот се однесува и на пешаците, велосипедистите и мотоциклистите – да бидат внимателни, видливи и да ги почитуваат сообраќајните правила, особено при преминување и движење покрај коловозот.
За време на продолжениот викенд, патувајте одговорно, возете внимателно и не ризикувајте го својот и животот на другите.
Нека 11 Октомври биде повод за празнување, дружење и безбедно патување, а не причина за сообраќајна незгоди и трагедии.
РСБСП со апел:
„Вози одговорно -Секој живот е важен.“