Претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), м-р Горан Ангеловски, учествуваше на официјалното започнување на регионалната кампања „Момент за живот“, организирана од Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница, меѓународна организација која работи на интеграција на транспортните пазари на Западен Балкан со Европската Унија.
На настанот присуствуваа директорот на Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница Талис Линкаитс, заменик-министерката за транспорт Калтрина Зеколи Шаќири, заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени, началничката на Сообраќајната полиција Маја Арсовска Манов, менаџерот на Програмата за патен транспорт и инфраструктура при Делегацијата на Европската Унија Јон Гузун, претставници на институциите, експерти од областа на безбедноста во сообраќајот и медиумите.
Кампањата „Момент за живот“ има за цел да ја подигне јавната свест за значењето на користењето на сигурносниот појас, детските седишта и заштитната кацига, како едни од најефикасните мерки за заштита на животот и здравјето на учесниците во сообраќајот.
