Со подобрување на временските услови се очекува зголемување на бројот на мотоциклисти, велосипедисти и лица кои управуваат електричен тротинет на патиштата, поради што, Републичкиот Совет за безбедност на сообраќајот на патиштата упатува апел до сите учесници во сообраќајот за зголемена внимателност, почитување на сообраќајните правила и унапредување на културата на одговорно учество во сообраќајот.
МОТОЦИКЛИСТИ
Мотоциклистите, велосипедистите и лицата на електрични тротинети се меѓу најранливите категории учесници во сообраќајот. Само еден момент невнимание е доволен да резултира со трајни последици. Затоа, нашата заедничка цел е да работиме на едукација со цел намалување на бројот на сообраќајни несреќи во кои учествуваат мотоциклисти, велосипедисти и лица кои управуваат електричен тротинет.
РСБСП во насока на безбедно учество во сообраќајот препорачува безбедно и одговорно однесување на секој учесник во сообраќајот.
Апел до мотоциклистите:
- Секогаш носете заштитна опрема – кацига, јакна, ракавици и облека со рефлектирачки елементи.
- Почитувајте ги сообраќајните правила и прописи, особено во поглед на брзината на движење, бучавоста и светлосните сообраќајни знаци.
- Известете ги останатите учесници во сообраќајот за своите намери и избегнувајте ненадејни промени на начинот на движење со мотоциклот.
Апел до возачите на моторни возила:
- Проверувајте ги ретровизорите и слепите агли на возилото, особено при промена на сообраќајната лента или свртување, на крстосници, при вклучување во сообраќај или при излегување од возилото.
- Одржувајте соодветно растојание при престигнување или обиколување на мотоциклист.
- Бидете трпеливи и имајте почит кон мотоциклистите, тие немаат каросерија што ќе ги заштити.
Сите ние делиме исти сообраќајници. Безбедноста не е случајност – тоа е обврска, така спасуваме животи.
ВЕЛОСИПЕДИСТИ
„Велосипедот е превозно средство и избор за здрав живот, додека безбеднсота во сообраќајот е обврска“
Зголемениот број лица кои секојдневно користат велосипед како превозно средство, наметнува сите учесници во сообраќајот да преземат одговорност за безбедно движење и заемно почитување на сообраќајните правила и прописи.
Намалувањето на бројот на сообраќајни несреќи, унапредување на културата на велосипедизам и создавање на услови за побезбедна урбана мобилност – се заеднички цели.
Апел до велосипедистите:
- Секогаш носете заштитна кацига и облека со видливи – рефлектирачки елементи, особено ноќе и во услови на намалена видливост.
- Движете се по велосипедски патеки или ленти каде што се достапни и секогаш движете се по десната страна на коловозот.
- Почитувајте ги сите сообраќајни правила, светлосни сигнали и поставена сигнализација.
- Осигурете дека вашиот велосипед има исправни светла и рефлектори – видливоста спасува животи.
- Додека управуваш со велосипедот, не смееш да водиш животни.
Апел до возачите на моторни возила:
- Почитувајте ги велосипедистите како рамноправни учесници во сообраќајот.
- Одржувајте безбедно растојание при престигнување.
- Бидете особено внимателни при отворање на врата од возилото.
Сите имаме право на безбедно учество во сообраќајот. Велосипедистите не се пречка – тие се дел од решението за поздрава и побезбедна мобилност.
ТРОТИНЕТИ
Електричните тротинети стануваат сè поприсутен избор за брзо и ефикасно движење низ урбаните средини. Но, со нивната популарност расте и бројот на инциденти на патиштата. Републичкиот Совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ја започнува оваа кампања со цел подигнување на јавната свест за правилно и безбедно користење на електричните тротинети и за заштита на сите учесници во сообраќајот.
Уредите со мала брзина бараат голема одговорност. Само со почитување на правилата електричните тротинети можат да бидат безбеден и одржлив избор.
Апел до корисниците на електрични тротинети:
- Возете по велосипедски патеки или ленти со брзина до 25 км/час, а доклку не се изградени, движете се по тротоар со максимална брзина од 6 км/час.
- Носете заштитна кацига и облека со рефлектирачки елементи.
- Почитувајте ги сообраќајните правила, вклучително и светлосните сигнали.
- Возете самостојно – Со електричен тротинет не смееш да превезуваш друго лице, ниту да водиш животни.
Електричниот тротинет не е играчка – тој е превозно средство за учество во сообраќајот кое е регулирано со закон и подлежи на одговорност. Неговата правилна употреба е прашање на колективна сообраќајна безбедност.
Републичкиот Совет за безбедност на сообраќајот на патиштата апелира:
„Модерна мобилност – со сообраќајна одговорност“