Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), на 27 ноември 2026 година во хотел „Александар Палас” во Скопје, ја организираше Втората национална конференција „Безбедност на сообраќајот во локалната самоуправа”, посветена на унапредување на локалните политики, практики и стратегии за подобрување на безбедноста на сообраќајот во општините низ државата.


На конференцијата учество земаа градоначалници и претставници на единиците на локалната самоуправа, претставници на министерствата, институциите, академската заедница, стручната јавност и други субјекти кои активно работат во областа на сообраќајната безбедност.
Конференцијата беше отворена со обраќања на:
- м-р Панче Тошковски, министер за внатрешни работи;
- м-р Орце Ѓорѓиевски, претседател на ЗЕЛС и градоначалник на Град Скопје;
- м-р Горан Ангеловски, претседател на РСБСП.
Во рамките на конференцијата беа обработени повеќе актуелни теми од областа на безбедноста во сообраќајот на локално ниво, меѓу кои:
- „Сообраќајните незгоди преку статистичка анализа во единиците на локалната самоуправа” – м-р Билјана Шуперлиска, помошник-директор на ОКРПА при МВР;
- „Проектот Безбеден град во служба на безбедноста на сообраќајот на патиштата” – м-р Маја Арсовска Манов, началник на Секторот за сообраќајни работи при МВР;
- „Влијанието на сообраќајната сигнализација врз безбедноста во патниот сообраќај” – проф. д-р Зоран Јошевски, РСБСП и Технички факултет – Битола;
- „Новини во правилникот за сообраќајна сигнализација и опрема на патиштата” – доц. д-р Стевчо Јолакоски, Факултет за безбедност – Скопје;
- „Управување со безбедноста во сообраќајот на локално ниво” – д-р Марија Ѓошева Крстески, РСБСП;
- „Национална стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата 2026–2030 година, содржини и предизвици” – проф. д-р Никола Дујовски, Факултет за безбедност – Скопје и член на Координативното тело за НСБСП 2026–2030.
Преку размената на искуства, анализи и добри практики, конференцијата беше насочена кон унапредување на соработката меѓу институциите и локалната самоуправа, како и кон создавање побезбедна сообраќајна средина за сите граѓани.
Во рамките на настанот беа доделени плакети и благодарници за особен придонес во унапредувањето на безбедноста на сообраќајот на патиштата.
„Само преку партнерство, координација и заедничко дејствување можеме да создадеме побезбедни локални заедници и посигурен сообраќај за сите граѓани.”

💟 Секој живот е важен. 🚦💙