Панел дискусијата ја отвори Државниот секретар во МВР, м-р Сања Димитриевска која го изрази своето задоволство да биде дел од конференцијата и можноста да се разгледаат состојбите за безбедноста во сообраќајот во земјите во регионот и да се направи анализа што е сработено и врз основа на тоа да се утврдат насоките по кои ќе се дејствува во иднина, со цел справување со една од најголемите глобални епидемии – односно намалување на бројот на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди.
„ На почетокот би потенцирала дека, борбата против оваа глобална епидемија започнува од секој поединец. Секој кој што на било кој начин учествува во сообраќајот има обврска да го даде својот личен придонес за побезбеден сообраќај. Улогата на личната култура, свест и совест за одговорно учество во сообраќајот е клучна во напорите за намалување на бројот на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди и во таа смисла неопходно е, во иднина примарно акцентот да биде ставен на континуираната и силна сообраќајна едукација и силната превенција. Меѓутоа мора да бидеме свесни дека тоа е само почетокот, но не и крајот на низата мерки кои треба да бидат преземени за побезбеден сообраќај“ потенцираше Димитриевска. Таа понатаму истакна дека Министерството за внатрешни работи како една од клучните институции кои имаат најголем број надлежности и од кои значително зависи безбедноста на сообраќајот на патиштата во изминатиот период реализираше голем број на мерки и активности со цел издигнување на безбедноста на сообраќајот на патиштата на повисоко ниво.
„Голем број на надлежности за реализација на Втората национална стратегија на Република Македонија за унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата 2015-2020, се однесуваат на активностите кои треба да ги спроведе Министерството за внатрешни работи и согласно тоа, МВР веќе пристапи кон имплементирање на мерките и препораките од Втората национална стратегија и значаен дел од нив се веќе составен дел од новиот Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата кој беше донесен во октомври 2015 година“ посочи Димитриевска.