Асистент, истражувач, доктор по технички науки во областа на градежништвото и редовен професор на Градежниот факултет, ова се само дел од достигнувањата кои прават биографијата на првиот човек на Центарот за сообраќај и инженеринг, во склоп на Градежниот факултет при Универзитетот во Марибор, проф. д-р Томас Толаци, да биде мошне интересна и восхитувачка за пошироката јавност која ќе има можност да го проследи неговото обраќање на првата Меѓународна Конференција за безбедност во сообраќајот во организација на РСБСП, со наслов „Управување со безбедноста на патниот сообраќај во Југоистична Европа-предизвици и насоки за дејствување“.
Професорот е автор и ко-автор на три патенти и патентни апликации. Активен е во повеќе домашни и странски меѓународни асоцијации, а преку професорската вокација активно е вклучен во пренесување на знаењето во пракса.
Заедно со неговиот колега од мариборскиот универзитет, проф. д-р Марко Ренчељ, кој исто така ќе учествува на конференцијата, работат на модернизирање и унапредување на кружниот тек, на турбо кружен тек и на упатства за нивно користење кои ќе придонесат за поголема безбедност на патиштата.
Тој е автор на бројни статии и ко-автор на неколку публикации од областа на патната инфраструктура во меѓународни научни списанија (Побезбеден весник).
Републичкиот совет за безбедност на патиштата, како организатор на Конференцијата, заедно со сите учесници на истата, реномирани универзитетски професори од земјите во регионот, преставници на водечките тела за безбедност во сообраќајот на патиштата, сообраќајни инженери, се надева дека интересот и свеста за подигнување на безбедноста во сообраќајот на патиштата ќе успее да ги подигне на едно многу повисоко ниво.