„Управување со безбедноста на патниот сообраќај во Југоистична Европа-предизвици и насоки за дејствување“, е насловот на Конференцијата која РСБСП ја организира во Скопје, во периодот од 29.9.2016 година до 1.10.2016 година, во хотелот Александар Палас.
На неа ќе присуствуваат првите луѓе на националните тела за подигнување на безбедноста во сообраќајот на патиштата од Србија, Косово, Хрватска, Словенија, Грција, Македонија и од други земји од регионот и други реномирани универзитетски професори, како и преставници од министерства, сообраќајни инженери и гости кои се интересираат за безбеден сообраќај и чисти патишта.
На покана на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, учеството на Првата меѓународна конференција за безбедност во сообраќајот го потрврди и загребскиот професор при Факултетот за транспорт и сообраќајни науки во Загреб, спец. проф. д-р Горан Зовак.
Она што е тема на интерес во неговата работа, односно тема на интерес на истражувањата кои ги спроведуваат на факултетот – е техничката исправност на возилата. Според податоците кои ги добиваат од тие истражувања, може да се донесе заклучок дека во Хрватска се возат доста половни возила кои се постари и од 13 години, а оние кои се увезуваат од европските земји се многу пооштетени, отколку оние кои се набавуваат од домашниот пазар. Во интерес на безбедноста во сообраќајот, заложбите на професорот Зовак и на останатите негови соработници се во сообраќајот да се вклучени само технички исправни возила бидејќи неисправноста на возилата е една од причините за сообраќајни незгоди на патиштата. Студијата со која се добиени овие податоци била спроведена во рамките на Националната програма за безбедност на патиштата и траела цели три години.
Под водство на спец. проф. д-р Зовак, во склоп на работилницата РС-Crash, во 2012 година, направен е првиот „crash“ тест во Хрватска со кој се добива јасна слика какви се последиците при удар на пешак, ако на него налета возило кое е управувано и со најмала брзина.
Бројот на учесници на Конференцијата секојдневно се зголемува, а интересот за претставување на свои трудови и публикации кај учесниците е сѐ поголем.