Претседателот на Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата во новогодишното интервју за Македонската телевизија даде осврт за безбедноста во сообраќајот во текот на годината која изминува. Говорејќи за бројките на загинати лица во текот на 2024 година, претседателот Ангеловски сподели дека бројот на настрадани лица во сообраќајни незгоди се очекува да биде на исто ниво како и минатата година, што остава простор за подобрување на состојбата во Новата година.
Кога станува збор за активностите кои ќе ги спроведува Советот во текот на 2025 година, Ангеловски истакна дека РСБСП останува цврсто на своите заложби и определби, а тоа е намалување на сообраќајните незгоди со загинати лица, едукација на учесниците во сообраќајот, активно учество во домашни и меѓународни научни конференции од областа на безбедноста на сообраќајот на патишата, како и активен допринос во изготвувањето на законски и подзаконски акти кои ја регулираат оваа материја и преку стручни предлози, коментари, мислења и слично.
„Улогата ја остваруваме и преку продлабочување на соработката меѓу институциите со цел подигнување на јавната свест кај сите учесници во сообраќајот на патиштата, а особено на децата како најранлива категорија учесници во сообраќајот.“ – рече Ангеловски.
Дополнително, претседателот Ангеловски упати порака до сите учесници во сообраќајот дека единствениот вистински начин да се почувствува празничната атмосфера е одговорното и безбедно учество во сообраќајот.
„Беспредметно е да говориме за казни и репресивни политики кога станува збор за основната вредност на човекот, а тоа е животот кој нема цена. Не си ги уништувајте празниците и не дозволувајте непочитувањето на правилата и прописите, невнимателното, неодговорно и нетолерантно однесување во сообраќајот да го наруши мирот и спокојството Вам, на Вашите најблиски и останатите учесници во сообраќајот.“ – порача м-р Горан Ангеловски во интервјуто за Македонската Радио Телевзија