Денес во Охрид, во овој продолжен викенд кога раздвиженоста е зголемена, РСБСП и МВР реализираа превентивна акција за зголемување на безбедноста во сообраќајот наменета за сите учесници во сообраќајот, со посебен акцент на пешаците. На граѓаните им беше поделен едукативно – превентивен материјал и беа водени разговори, во кои им се даваа препораки се со цел намалување на ризиците од несреќи во сообраќајот.
Претседателката на РСБСП м-р Гордана Кожуваровска, истакна дека пешачењето е суштински дел од одржливата мобилност, го подобрува здравјето на луѓето и влијае на унапредувањето на животната средина.
„За жал, бројот на пешаци кои страдаат во сообраќајни незгоди секаде во светот е значително висок. Токму затоа организираме едукативно-превентивни активности кои ќе овозможат осигурување на безбедна средина во која и возачите и пешаците ќе се однесуваат одговорно и ќе бидат безбедни, за што неопходно е постојано да се работи на изградување на правилни сообраќајни навики и етичко однесување на сите категории учесници во сообраќајот“- истакна Кожуваровска.
Помошник министерот за односи со јавност во МВР, Тони Ангеловски истакна дека ваквите превентивни акции директно влијаат на подигањето на нивото на сообраќајна култура, а на тој начин се намалува бројот на жртви во сообраќајот. „Безбедноста во сообраќајот е одговорност на сите нас и сите заеднички мора да го подигаме нивото на сообраќајната култура. Токму како резултат на активностите што ги спроведуваме изминатите години евидентен е трендот на опаѓање на бројот на жртви во сообраќајот кој секоја година се намалува, но, се разбира, и една жртва за нас е многу, па затоа продолжуваме интензивно да работиме за уште повеќе да ја намалиме оваа бројка. Минатата 2021 година има 116 жртви и тоа е година со најмал број на жртви во сообраќајот во последните 15 години. Апелирам до пешаците да ги почитуваат сообраќајните правила и улицата да ја поминуваат на пешачки премин и само кога е вклучено зеленото светло на семафорот. Возачите пак особено да внимаваат кога се во близина на пешачки премин и секогаш да ги пропуштаат пешаците“- рече Ангеловски во својата изјава.