Вие сте тука

Време е да кажеме "Не" за мобилните телефони додека возиме или пешачиме!

Опасностите во животот многу често ги потценуваме, а таа комоција  за жал  понекогаш многу скапо ја „плаќаме“. Да се користи мобилниот телефон додека се управува со моторно возилото, додека се управува велосипед или кога се преминува по сообраќајниците е висок ризик, сериозен извор на опасности и претставува закана за животот и здравјето на учесниците во сообраќајот. Многу сообраќајни незгоди се последица на учество во сообраќајот со одвлечено внимание.

 И покрај тоа, секојдневно, можеме да видиме  како голем број на возачи  возат и користат мобилен телефон, голем број на велосипедисти возат по градските  сообраќајници со слушалки на уво без да слушаат и без да ја перципираат сообраќајната околина. Ништо подобра,  дури и полоша е состојбата и со пешаците. Пешаците, пишуваат пораки, фотографираат, зборуваат на мобилен телефон, слушат музика и ја поминуваат улицата каде што ним им одговара и кога  ним им одговара. Со цел да го свртиме вниманието на јавноста кон оваа „ ЛОША НАВИКА“ и да се замислиме за тоа што правиме и како се однесуваме во сообраќајот ви ја пренесуваме потресната животна сторија на Емилија Т.  од Скопје, која одговарајќи на СМС порака додека го управува своето возило, пред три години,  за жал,  учествуваше во сообраќајна незгода и   остана врзана за инвалидска количка за целиот свој живот.  Таа ја раскажа својата несреќна случка, со надеж дека многумина ќе размислат за однесувањето во сообраќајот и ќе го сфатат ризикот и последиците  од  опасната комбинација - мобилен телефон и возење автомобил. Емилија е мајка на две возрасни деца, таа не се откажува од животот, кој и пружил втора шанса, но вели дека многу работи и се измениле после тој кобен ден.

- Никогаш не помислував дека мене може да ми се случи ваква несреќа и дека ќе бидам врзана за инвалидска количка, но овие неколку години успеав да го прифатам тоа и продолжив да живеам нормално, колку што можам. Тој ден,  се враќав од работа, бев изморена и сакав само што поскоро да стигнам дома. Пред да продолжам да ви раскажувам за кобниот ден, морам да бидам искрена и да кажам дека постојано го користев мобилниот телефон додека возев и секогаш бев сигурна дека ја имам контролата над возилото и тоа што се случува во сообраќајот, но за жал не бев во право и цената која ја плаќам јас и моето семејство е навистина висока, со солзи во очите вели Емилија.

Со растреперен глас, таа продолжува во детали да ни го опишува тој момент, иако како што самата вели, како низ магла да се сеќава на незгодата.

- Кога се присетувам на тој ден, како магла да имам пред очите. Ми стигна порака на телефонот, неколебејќи се го земав мобилниот, ја прочитав пораката, која беше испратена од мојата најдобра пријателка, да ми го потврди договорот за ручекот кој  требаше да го имаме престојниот викенд. Погледнав пред мене и бев сигурна дека немам никаква опасност  на патот  и можам да и вратам на пораката. Возев отприлика 90 километри на час, додека ја пишував пораката  и во еден момент го кренав погледот и видов куче на коловозот,  ме фати паника и инстиктивно го свртев воланот... Наредно што се сеќавам е дека се разбудив во болница, раскажува Емилија. Избегнувајќи го кучето, Емилија со своето возило удрила во столб. Од силниот удар се здобила со скршени вратни пршлени, од кој остана инвалид.

-  Од ударот ми биле искршени вратни пршлени и за жал еден од тие пршлени е пршленот кој ме врза за инвалидската количка. Кога го дознав тоа, беше најтешкиот “удар“ за мене во животот, но со помошта на моето семејство и на стручни лица, успеав да прифатам дека никогаш повторно нема да можам да одам. Со мојата животна сторија сакам да испратам порака и апел до сите возачи, да не го користат мобилниот телефон додека се во  возилото, да возат внимателно и фокусирано, се друго  може да почека. Тие неколку секунди на кои не  посветуваме внимание на сообраќајот  и кога погледнуваме во мобилниот телефон, можат засекогаш да ни го променат животот, како што е во мојот случај. Јас ја имав таа среќа, повторно да можам да ги гледам своите деца, но некои за жал ја немаат таа среќа. Оставете ги мобилните апарати, концентрирајте се на сообраќајот, бидејќи секоја секунда е важна, заврши Емилија.

Многумина денес може да ме осудуваат за тоа дека сум возела брзо, и дека сум пишувала порака, верувајте,  ниту јас сама неможам да си простам, но мора да се живее – потенцира уште еднаш за крај Емилија со солзи во очите.

Од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата во однос на користењето на мобилниот телефон додека се учествува  во сообраќајот потенцираат дека, за жал многу често учесниците во сообраќајот го  потценуваат ризикот и опасноста од   таквото  однесување  во сообраќајот, а тоа претставува  причина за голем број на сообраќајни незгоди  со фатални последици и уште еднаш упатија апел со порака за одговорно учество во сообраќајот, концентрација и  фокусираност и  внимателно следење на случувањата во сообраќајот.  Од таму истакнаа дека животната сторија на Емилија е навистина трогателна, и дека за жал, таа не е единствен ваков пример и упатија апел до останатите граѓани  да извлечат поука од оваа тажна животна сторија на Емилија и нејзиното семејство.

Ваши предлози и коментари

Преку овој формулар можете да изнесувате корисни идеи, предлози и проекти од сите сфери во безедноста на сообраќајот.

Компании кои се грижат за безбедноста во сообраќајот

© 2018 rsbsp.org.mk | РСБСП E-mail
Developed by Kajgana Media