Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата на денешната прес конференција ги сумираше активностите од изминатиот период, спроведени во рамките на кампањата за поголема безбедност на ранливите групи учесници во сообраќајот на патиштата и притоа беше направена споредбена анализа на податоците за безбедноста во сообраќајот на патиштата, во периодот од 2013 година и 2014 година, како и досегашните податоци од 2015 година.
Во рамките на оваа кампања беа реализирани голем број ( повеќе од 60 ) сообраќајно-едукативни предавања, настани, манифестации, дефилеа, претстави, беа дистрибуирани голем бррој на сообраќајно-едукативни материјали, флаери, фрешери, плакати, налепници, сообраќајно-едукативни табли идр.
Од направената анализа на статистичките податоци констатирано е дека безбедноста во сообраќајот на патиштата во Република Македонија, бележи тренд на подобрување. Имено, и покрај континуираниот раст на бројот на возила, бројот на возачи и вкупниот број на поминати километри, бројот на загинати во сообраќајни незгоди континуирано се намалува.
Во текот на 2013 година, 198 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди, во 2014 година 124 лица, односно бројот на загинати во сообраќајни незгоди е намален за 74 лица, односно намалување за 37 проценти. Во текот на 2015 година во првите пет месеци, 39 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди. Во споредба со минатата година истиот период имаме намалување за 13 лица, односно во 2014 година заклучно со месец мај, 52 лица загинале во сообраќајни незгоди.
Индикаторите за безбедност во сообраќајот на патиштата покажуваат дека традиционално во летниот период бројот на загинати лица во сообраќајни незгоди бележи тренд на зголемување. Најчесто во тој период во сообраќајни незгоди страдаат младите лица, а главна причина за сообраќајните незгоди е алкохолот, односно управување на моторно возило под дејство на алкохол.
За таа цел, Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, денес ја најави кампањата против употреба на алкохол во сообраќајот, насловена како „Вози трезен -стигни жив“. Оваа кампања ќе се реализира во текот на летниот период,заклучно со месец септември 2015 година на територијата на цела Македонија, а во соработка со Министерството за внатрешни работи и останати партнери.
Во рамките на кампањата „Вози трезен -стигни жив“ ќе бидат изработени голем број на сообраќајно-едукативни материјали, флаери, фрешери, плакати, налепници, кои ќе бидат дистрибуирани до сите млади. Имено, од страна на РСБСП, МВР и остатанатите младински организации и здруженија ќе бидат формирани тимови кои ќе ги посетуваат дискотеките, кафулињата и сите останати места каде младите најчесто се собираат и каде се консумира алкохол. При овие посети покрај тоа што ќе бидат поделени сообраќајно- едукативни материјали, доброволно ќе бидат правени алкотестови при што во зависност од резултатите ќе биде доделуван црвен или зелен картон. Целта на оваа акција е преку непосредна комуникација и разговор да им се укаже на младите за опасноста од консумирање алкохол и управување со моторно возило под дејство на алкохол.
На самиот крај, РСБСП уште еднаш потсети дека согласно Законот за измени и дополнување на законот за градење, член 13 (Службен весник на РМ 115/14) сите објекти со јавна намена се обврзани да обезбедат паркинг простор за велосипеди. Неисполнувањето на оваа обврска предвидува парични санкции.