Денес во организација на Републичкиот Совет за безбедност на сообраќајот на патиштата во Основното Училиште “Војдан Чернодрински” во Скопје се одржaа државните натпревари “Детски Семафор” за учениците од основните училишта, и “Сообраќајно Техничка Култура на Младите” за учениците од средните училишта. Натпреварите се состојат од теоретски дел, познавање на правилата и прописите во сообраќајот и практичен дел, вешто возење на велосипед за основците, односно мопед за учениците од средните училишта.
На натпреварите учествуваа победниците од десетте регионални натпревари кои се одржаа низ државата изминатиов период. Во рамките на натпреварот “Детски Семафор” се натпреваруваа 16 екипи со вкупно 96 учесници, а во натпреварот “Сообраќајно Техничка Култура на Младите” 9 екипи со 27 учесници.
Според покажаните резултати во теоретскиот и практичниот дел победнички екипи во “Детски Семафор” се:
- Прво Место – Екипата од Карпош
- Второ место – Екипата од Велес
- Трето Место – Екипата од Македонска Каменица
Додека во натпреварот “Сообраќајно Техничка Култура на Младите” победнички екипи се:
- Прво Место – Екипата од Пробиштип
- Второ Место – Екипата од Аеродром
- Трето Место – Екипата од Куманово
“Детски Семафор” и “Сообраќајно Техничка Култура на Младите” се сообраќајно воспитни манифестации со натпреварувачки карактер преку кои традиционално учениците од основните училишта ги совладуваат основните правилата и прописите во сообраќајот и ја унапредуваат способноста за вешто управување велосипед и мопед. Овие манифестации се организираат на четири нивоа и тоа Училишни, Општински, Регионални и Државни натпревари. Во рамките на овие две манифестации опфатени се повеќе од 70% од вкупната школска популација во Р. Македонија. Преку нив, Републичкиот Совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ја реализира една од најшироките и најсеопфатни кампањи за подобрување на сообраќајната едукација и образование кај младите, унапредување на сообраќајната култура и подигнување на етиката во сообраќајот.