Вие сте тука

Во новата учебна година, со заеднички сили до поголема безбедност на децата во сообраќајот!

Почетокот на септември го најавува и почетокот на новата учебна година и првото училишно ѕвоно. Нови предизвици, нови можности, но и нови обврски и грижи, особено за родителите и за учениците соочувајќи се со огромниот предизвик, директно поврзан со сообраќајот: како децата навремено и безбедно да пристигнат до училишниот двор?!

Фрекфенцијата на возила и на пешаци во сообраќајот, со почетокот на учебната година, значитечно се зголемува. Согласно тоа, се зголемува и потребата за дополнителна доза внимателност од страна на сите учесници во сообраќајот, особено кога се движат во близина на училиште или на градинка.Препораки и совети за возачите!

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ги потсетува возачите за секојдневната пракса во која децата неочекувано истрчуваат на улица, како и на законската обврска, во зона на училиште и градинка, да се намали брзината на движење и да се зголеми будноста и внимателноста. Не заборавајте, безбедноста на децата во сообраќајот е одговорност на возрасните!

Повеќе од познат е фактот дека, деца помлади од 12 години, недоволно ја проценуваат оддалеченоста на автомобилите и потребното време да ја преминат улицата. Исто така, познато е дека децата знаат да бидат темпераментни и невнимателни. Децата влегуваат во една од ранливите групи учесници во сообраќајот, која е и најризична бидејќи децата се едниствените без животно и сообраќајно искуство и не ги разбираат опасностите што им се закануваат во сообраќајот! Затоа, грижата на возачите за нивното безбедно движење во сообраќајот, треба да биде максимална!

Препораки и совети за родителите!

РСБСП со потсетување за родителите, личниот пример на децата на кој тие секојдневно се огледуваат: безусловно и целосно почитувајте ги правилата и прописите во сообраќајот! Стастистичките податоци покажуваат дека децата многу често страдат во сообраќајни незгоди како патници. Во таа насока, РСБСП потсетува на законската обврска според која, деца кои немаат полни 12 години, не смеат да се превезуваат на предното седиште, како и за обврската за користење сигурносен појас на сите седишта и детско седиште за деца на возраст до 5 години (дури и тогаш кога возењето трае кратко). 

Сообраќајните незгоди се случуваат тогаш кога најмалку очекувате. Затоа, многу е важно секогаш да бидете заштитени вие и вашите најмили.

Секој одговорен родител, покрај останатите обврски, со почетокот на учебната година, должен е на своето дете да му го покаже и да му го повтори најбезбедниот пат од училиште до дома, да му посочи на детето за потенцијалните ризици и закани во сообраќајот и да му ги објасни и повтори најважните правила и прописи во сообраќајот.  За дополнителна заштита на децата, во ноќни услови и во услови на намалена видливост, се препорачува носење светла облека, користење рефлектирачки материјали на облеката, училишните торби и слично.

Препораки и совети за децата!

Децата кои одат во училиште сами, без придружба на родител или на друго возрасно лице, да користат безбедни пешачки рути и секогаш да се движат по тротоарот. При преминување на улицата, секогаш да користат обележани пешачки премини, така што прво ќе погледнат лево, па десно и пак лево, пред да зачекорат на улицата.

Секогаш да се присетуваат на советите од родителите и наставниците. Во населени места, да се движат по тротоар или по патека за пешаци. Доколку ја нема, тогаш треба да се движат што е можно поблиску до работ на коловозот.  

Учениците, кога патуваат со автобус, по излегувањето од автобусот, секогаш треба да почекаат прво да помине автобусот, па дури потоа да ја преминат улицата. Трчање на улица пред или зад автобусот е многу ризично и опасно.

Децата треба да знаат дека, не смеат да излегуваат на улица кога се движат меѓу паркирани автомобили бидејќи се пониски од нив и возачите не можат да ги забележат пред да излезат на патот.

Децата треба секогаш да бидат внимателни кога се движат на улица или по тротоар.

РСБСП на сите ученици им посакува успешна учебна година и уште еднаш ги потсетува безбедно, внимателно и одговорно да учествуваат во сообраќајот!

Децата тргнаа на училиште. Одличен 5 ако внимаваш на децата во сообраќајот!

Ваши предлози и коментари

Преку овој формулар можете да изнесувате корисни идеи, предлози и проекти од сите сфери во безедноста на сообраќајот.

Компании кои се грижат за безбедноста во сообраќајот

© 2018 rsbsp.org.mk | РСБСП E-mail
Developed by Kajgana Media