Есента, особено есенските ноќи и утра, знаат да бидат многу незгодни и непријатни за возачите. Токму затоа, РСБСП ги советува возачите на што да внимаваат и како безбедно и одговорно да учествуваат во сообраќајот овој период од годината.
- Секогаш користете светла. Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата предвидува законска обврска за задолжително користење на светлата и во денски и во ноќни услови. РСБСП посебно потенцира: во овој период од годината видливоста е значително намалена поради временските услови и краткиот ден, со што употребата на светлата добива уште поголема важност кога е во прашање безбедноста во сообраќајот. Не заборавајте да ги проверете светилките, а особено сетете се и проверете ги светлата за сопирачките и светлата за регистарските таблички.
- Користете средни – соборени светла или специјални светла (магленки) во услови на магла. Појавата на магла се карактеризира со намалена видливост на патот. Маглата го намалува видното поле на возачот, ја намалува ориентацијата во просторот и доведува до погрешна проценка за растојанието меѓу возилата. Затоа, користете светла, бидете концентрирани и намалете ја брзината. Не заборавајте да ги исклучите светлата за магла кога ќе го напуштите делот од патната мрежа кој е покриен со магла.
- На време заменете ги гумите. Ниските температури во ноќните и во раните утрински часови, во овој период од годината, може да предизвикаат голомразица на одредени делови од патната делница, а пак коловозите, се речиси секогаш влажни. Законска обврска е да се направи замена на летните со зимски гуми најдоцна до 15 ноември, но доколку тоа го налагаат временските услови или доколку патувате во планински предели или клисури, најдобро е тоа да го направите некој ден порано.
- Проверете ги батериите – акумулаторот на возилото. Во просек, еден акумулатор за автомобил, се користи од три до пет години. Ако има некој знак дека тој не е доволно моќен, тоа значи дека веројатноста да ве изневери во некои од деновите кога утринските температури ќе бидат пониски, е многу голема. Затоа, со цел да избегнете непријатности подоцна, заменете го или проверете ја неговата моќност на време, или во најмала рака, секогаш носете кабли за поддршка на акумулаторот и за помошно стартување на возилото. За подолго да ви трае и да ве служи акумулаторот во автомобилот, потребно е да го чувате горниот дел секогаш чист и сув и да проверувате дали приклучоците се тесни и без корозија.
- Проверете го антифризот. Антифризот е важен во текот на целата година за да се спречи корозијата и да се подобри ладењето на моторот. Во услови на ниски температури, тој е особено важен за да се спречи замрзнување на течноста во моторот, а со тоа и негово оштетување. Постојат различни типови антифриз и нивното мешање може да го оштети моторот. Затоа, пред да преземете било што, консултирајте се со професионално лице и имајте предвид дека многу сервиси нудат услуги за бесплатна проверка на антифризот.
- Исчистете ja површината под поклопот на моторот и под ветробранското стакло. Доколку се блокирани од лисја или од друг отпаден материјал, може да се наполнат со вода. Во таква ситуација, во случај на силен дожд, водата може да влезе во возилото или да дојде во контакт со преносниот систем на електричната енергија на автомобилот и да предизвика скапи и потенцијално опасни оштетувања.
- Проверете дали бришачите и течноста за бришачите се во добра состојба. Ако испуштаат звук или размачкуваат додека бришат, најверојатно им треба замена. Секогаш бидете сигурни дека бришачите се исклучени пред да го започнете стартувањето на возилото, а со тоа ќе го зачувате нивниот квалитет доколку ветробранското стакло е замрзнато. Течноста за бришачите треба да биде соодветна за период од годината кога температурите се ниски.
- Направете техничка проверка на возилото. Проверете го маслото на моторот, проверете ја течноста на сопирачките, проверете го притисокот на воздухот во гумите, проверете го системот за греење и ладење на возилото, чистете го секогаш ветробранското стакло и светлата, итн. Технички исправно возило е гаранција за безбедно патување, особено во услови на ниски температури, влажни коловози и намалена видливост.
Следете ги советите и препораките на РСБСП, возете безбедно и не дозволувајте да се затекнете неподготвени, во непријатна ситуација наложена од временските услови и ниските температури.