Кампањата „Безбедно на мотор“ чија цел е зголемување на безбедноста на мотоциклистите годинава се реализира во соработка со Министерството за внатрешни работи и Мото клубот „Вепар“ од Скопје, ќе се реализира преку превентивно-едукативни активности кои ќе се одвиваат низ повеќе градови во Македонија.

Кампањата започнува од Скопје, со прва активност реализирана на бул.„Партизански одреди“ во Скопје, со превентивно-едукативен штанд организиран од страна на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), Отсекот за превенција од СВР Скопје при Министерството за внатрешни работи (МВР) и членови на Мото клубот „Вепар“.
Граѓаните имаа можност да се запознаат со мотоциклите на членовите на клубот, да разговараат со искусни мотоциклисти и полициски службеници за сообраќајните правила и прописи, како и да добијат едукативен материјал со практични совети за безбедно учество во сообраќајот. Дополнително, беа поделени и флаери со едукативни пораки, со цел поттикнување на поголема одговорност и внимателност кај сите учесници во сообраќајот.

Претставниците на РСБСП и МВР упатија апел до сите граѓани дека безбедноста во сообраќајот е заедничка одговорност, нагласувајќи ја важноста од почитување на правилата, користење на заштитна опрема и одговорно однесување.

Превентивно-едукативната активност беше позитивно прифатена од граѓаните, а во наредниот период се планираат слични активности и во други градови низ државата, со цел создавање побезбедна сообраќајна средина за сите.