Младите возачи претставуваат ризична и ранлива група учесници во сообраќајот, особено во периодот кога се слави матурирањето, односно за време на матурските вечери. Веселиот амбиент, изобилството алкохол, вишокот адреналин и желбата за докажување ги наведува матурантите на брзо и агресивно однесување во сообраќајот, однесување кое често завршува со фатални последици.
РСБСП им ја честита матурата на сите матуранти и апелира за нивно одговорно учество во сообраќајот, манифестирано преку не-управување со моторно возило за време на прославата на матурските вечери бидејќи тоа е спротивно на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, во делот кој се однесува на возачите почетници, а и ризикот да се предизвика сообраќајна незгода е исклучително висок.
Исто така, апелираме и до родителите секогаш да имаат на ум дека само една грешка и еден момент на невнимание може да биде фатален, а последиците ненадоместливи. Не дозволувајте највеселиот момент на вашите најблиски да се претвори во семејна трагедија. Затоа, не им дозволувајте на матурантите да возат на матурската вечер, или пак да бидат возени од друг матурант. Постојат многу начини за да покажете колку го цените и почитувате нивниот момент, но користењето на семејниот автомобил, дефинитивно не е разумна одлука.
Согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, во категоријата возач-почетник влегуваат сите лица кои се стекнале со возачка дозвола во минатите 2 (две) години. Возачите-почетници немаат право да управуваат моторно возило во периодот од 23 часот навечер до 5 часот наутро, освен со придружба на возач постар од 25 години, на кој не му е изрекувана прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило. Дозволено количество алкохол во крвта е нула (0 промили) и немаат право да управуваат моторно возило чија моќност на моторот е поголема од 77 киловати. Дополнително, дете–возач односно лице кое се здобило зо возачка дозвола пред да наполни 18 години, нема право да управува моторно возило во периодот од 20 часот навечер до 5 часот наутро.