Денес, во рамки на кампањата #ВозиБезбедноВозиСоЉубов – #СекојЖивотЕВажен, низ целата држава беа реализирани координирани превентивно-едукативни активности со цел унапредување на безбедноста во сообраќајот и подигање на јавната свест за ризиците од неодговорно однесување на патиштата.
На излезот од Скопје, кај патарината Петровец, на делницата во насока кон Велес, Кавадарци и Неготино, на терен беа претседателот и секретарот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, заедно со полициски службеници од Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата при Министерство за внатрешни работи. Преку директна комуникација со возачите, беа упатени апели за одговорно учество во сообраќајот, особено во денови кога се зголемува ризикот од управување со возило под дејство на алкохол.
Паралелно, превентивно-едукативни активности се реализираа и во населените места Стопански Двор и Волково, во општина Ѓорче Петров. Членови на Советот, заедно со полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје, преку непосредна интеракција со учесниците во сообраќајот укажуваа на опасностите од управување возило под дејство на алкохол, како и на значењето од доследно почитување на сообраќајните правила, прописи и ограничувањата на брзината.
Во рамки на кампањата, превентивно-едукативни активности беа спроведени и во повеќе градови низ државата, во соработка со општинските совети за безбедност на сообраќајот на патиштата ОСБСП (Кавадарци, Кратово, Кочани, Кривогаштани, Куманово, Кичево, Тетово, Гостивар, Охрид, Струга, Свети Николе, Гевгелија, Штип и Пробиштип), заеднички со полициските службеници од СВР и ОВР од градовите, со единствена цел – зголемување на безбедноста на патиштата и заштита на човечките животи.
На граѓаните им беа поделени едукативни материјали со јасна порака: „Алкохолот и воланот не се добар пар“, како и апел за одговорно однесување во сообраќајот, почитување на сообраќајната сигнализација и ограничувањата на брзината, во интерес на личната и колективната безбедност.
По повод празникот на љубовта и виното, упатуваме јасен апел:
Возете одговорно – затоа што секој живот е важен.