На 9 мај 2022 год. РСБСП презентираше и предаде во трајна сопственост опрема – 10 возила Dacia Sandero кои ги набави РСБСП за МВР, за кои МВР ценеше дека ќе бидат потребни за унапредување на контролата на патниот сообраќај, а со тоа и подобрување на безбедноста на сообраќајот на патиштата. На примопредавањето се обратија министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и претседателот на РСБСП Гордана Кожуваровска.
РСБСП и МВР се неделиви при планирањето и реализацијата на бројни активности. Припадници на МВР заедно со претставници на РСБСП превентивно дејствуваат во сообраќајот, реализираат сообраќајно-едукативни предавања и работилници, заеднички настапуваат во медиумите, заеднички изработуваат и дистрибуираат рекламен материјал со едукативно-превентивна содржина и активно дејствуваат кај сите категории учесници во сообраќајот од сите возрасти, а со цел подигање на нивната свест за унапредување на сообраќајната култура и безбедноста во сообраќајот, односно за намалување на бројот на сообраќајни незгоди и бројот на повредени и загинати лица во сообраќајни незгоди.
Соработката помеѓу РСБСП и МВР е наша заедничка цел и наша законска обврска. Искуството од минатите години покажа дека РСБСП и МВР се пример за позитивна и успешна меѓуинституционална соработка и поддршка која ќе продолжи и понатаму. Ваквите активности, надополнети со засилени контроли од страна на сообраќајната полиција, придонесоа за намалување на бројот на сообраќајни незгоди во 2021 година која беше најбезбедна година во сообраќајот во последните 15 години.Ваквиот пристап е позитивен пример кој треба да се одржува и надоградува и во наредниот период.Континуираното унапредување на работата на сообраќајната полиција и подобрувањето на нејзините капацитети е од исклучителна важност за подобрување на безбедноста на патниот сообраќај.Примената на современа техничка опрема во процесот на управување и контрола на сообраќајот на патиштата значително ќе ја зголеми ефикасноста на работата на сообраќајната полиција и ќе го зголеми обемот и квалитетот на извршените контроли и проверки од страна на сообраќајната полицијата.Согласно тоа, и согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, РСБСП дел од своите средства ги наменува за модернизација на опремата на сообраќајната полиција. Во таа насока, денес презентираме и предаваме во трајна сопственост опрема – 10 возила Dacia Sandero кои ги набави РСБСП, а за кои МВР ценеше дека ќе бидат потребни за унапредување на контролата на патниот сообраќај, а со тоа и подобрување на безбедноста на сообраќајот на патиштата. Соработката помеѓу РСБСП и МВР ќе продолжи и во наредниот период.