Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ја започна летната превентивна кампања „Вози одморен!“, чија цел е подигнување на свеста кај возачите за опасностите од управување возило во состојба на замор, особено во периодот на летните одмори кога значително се зголемува интензитетот на сообраќајот.
Кампањата беше реализирана на граничниот премин Табановце, во меѓуграничниот простор помеѓу Република Северна Македонија и Република Србија, каде на возачите им беа поделени едукативни материјали со препораки за безбедно патување, важноста од редовни паузи за време на долгите патувања, како и совети за препознавање на знаците на замор.
На настанот присуствуваа министерот за внатрешни работи на Република Србија, Ивица Дачиќ, директорот на полицијата, Драган Василевиќ при МВР Србија, директорот на Агенцијата за безбедност на сообраќајот на Република Србија, Бранко Стаматовиќ, министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Панче Тошковски, директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, како и претставници на Амбасадата на Република Србија во Р. С. Македонија.
Кампањата и оваа година ќе се реализира во соработка со партнерите во реализација на истата: УКЛО Факултет за безбедност – Скопје, Автомото Сојуз на Македонија, ОКТА Хеленик Петролеум, Црвен Крст на Р.С. Македонија, како и соработниците од Министерството за внатрешни работи на Србија и Агенцијата за безбедност на сообраќајот од Србија.
РСБСП апелира до сите возачи пред поаѓање на пат да се одморат доволно, да прават пауза на секои два часа возење, да внесуваат доволно течности и да не продолжуваат со управување доколку почувствуваат замор или поспаност. Одговорното однесување во сообраќајот е предуслов за безбедно пристигнување до посакуваната дестинација.
Кампањата „Вози одморен!“ е дел од континуираните активности на РСБСП за унапредување на сообраќајната култура и намалување на бројот на сообраќајни незгоди, преку едукација и превенција.