Почитувани,
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патишата (РСБСП), потсетува дека денес влегува во сила Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата , објавен во Службен весник број 148 на 06.07.2026 година.
Со овој закон, меѓу останатото се направени измени и дополнувања на правилата кои го регулираат сообраќајот на електричните тротинети и тоа:
-
– Направена е измена на дефиницијата на овој тип возила која гласи: „Лесно електрично возило” е возило со најмалку две тркала, кое се движи на електричен погон со помош на електромотор, при што силата на електромоторот не надминува повеќе од 0,6 kW, чија конструкциски најголема дозволена брзина не е поголема од 25 km/h и чија маса без товар не надминува 35 kg;”,
– Минималната возраст за управување со лесно електрично возило е зголемена на 18 години,
– Максималната брзина на движење со лесно електрично воило по велосипедска патека односно лента е ограничена на 20 км/час, додека по патека за велосипедисти и пешаци, тротоар, пешачка патека односно друга површина наменета за движење на пешаци, ограничувањето останува на 6 km/h.
– Возачот на велосипед, велосипед со помошен мотор, мопед и лесно електрично возило при преминување на коловозот, како и при преминување на обележан пешачки премин е должен да го турка возилото доколку нема обележана лента, односно патека за тој вид на возила.
– Возачот на лесно електрично возило не смее да превезува други лица, односно не смеат да се превезуваат други лица за време на управувањето со возилото. Покрај глобата за возачот, се предвидува и глоба за лицето кое се превезува со возилото,
– Се воведува обврска за возачот на лесно електрично возило задолжително да носи заштитен шлем на главата за време на управувањето на возилото, а обврската за носење рефлектирачки елек од првиот самрак до потполно разденување, како и во услови на намалена видливост, останува на сила и понатаму,
– Возач на лесно електрично возило не смее да управува со возилото во сообраќајот на патот, ниту да започне да управува со возилото ако во организмот има алкохол или ако покажува знаци на алкохолна растроеност, за што се предвидени глоби во зависност од утврдената содржина на алкохол во крвта на возачот,
– Покрај утврдените глоби за возачите на лесни електрични возила, односно родител или стрател на дете кое сторило прекршок, за одредени прекршоци се предвидува и привремено одземање на возилото во времетраење од 30 дена.
Во оваа прилика апелираме до сите возачи на лесни електрични возила, како една од најранливите категории на учесници во сообраќајот, доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи со цел намалување на сообраќајните ризици и зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
Безбедноста во сообраќајот е заедничка одговорност – почитувањето на сообраќајните правила и ограничувања значи заштита на човечки животи.
Со почит,
РСБСП