Денес, 06 мај 2025, во просториите на Македонското радио – Радио Скопје, се одржа работна средба помеѓу Горан Ангеловски,Претседател на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), и Наташа Андрееска,Одговорна уредничка на ППС на МРА- Радио Скопје. На состанокот се разговараше за отпочнување директна соработка помеѓу РСБСП и Македонското радио-Радио Скопје за унапредување на јавната свест и информираност од областа на безбедноста во сообраќајот.
Претседателот на РСБСП, м-р Горан Ангеловски истакна дека соработката со Македонското радио ќе биде од особен интерес за граѓаните во споделување на сите информации од кампањите на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата. Во текот на средбата, беа разгледани можностите за соработка на заеднички спотови,прилози и емисии за подигнување на јавната свест во насока на подобрување на состојбата со безбедноста на патиштата.
Одговорната уредничка на Македонското радио-Радио Скопје, Наташа Андрееска, ја поздрави иницијативата за соработка и потенцираше дека Македонското радио-Радио Скопје, како јавен сервис е секогаш отворен за соработка со оние кои работат во интерес на граѓаните. Таа нагласи дека Македонското радио има долгогодишна традиција во унапредувањето на јавната свест и дека соработката со РСБСП може да донесе значајни придобивки за двете страни.
Оваа соработка ќе вклучува и нови медиумски проекти, во кои ќе се обезбедат платформи за дијалог, едукација и информирање на граѓаните за важноста од заедничката одговорност за унапредување на сообраќајната безбедност во земјата.