Заврши реализацијата на летната кампања „За безбедно лето“. Кампањата ја спроведоа Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата во соработка со Министерството за внатрешни работи и Факултетот за безбедност – Скопје.
Во рамки на летната кампања „За безбедно лето“ се реализираше кампања под мотото „Вози одморен“, со цел подобрување на безбедноста на сообраќајот на патиштата преку подигање на свеста кај учесниците во сообраќајот за влијанието на високите летни температури, заморот, неприлагодената брзина и конзумирањето алкохол врз способноста за управување со моторно возило.
Превентивно-едукативни активности се реализираа во Скопје, Битола, Ресен, Тетово, Охрид, Гевгелија, Дојран, Делчево, Демир Хисар и др. На возачите им беше поделен рекламен материјал, вода и безалкохолни пијалоци, додека компанијата ОКТА донираше ваучери за освежување на возачите со кафе и одмор на најблиската бензинска станица на ОКТА.
Во соработка со Агенцијата за безбедност на сообраќајот од Република Србија, дел од кампањата „Вози одморен“ се реализираше долж коридорот 10 на територијата на Република Северна Македонија и на Република Србија. Оваа соработка резултира со зголемена безбедност во сообраќајот на возачите и патниците од двете држави, но и на оние од странство, кои во летниот период транзитно поминуваат по овој коридор.