Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата го одбележува „Меѓународниот ден на културата во сообраќајот“ како повик за колективна одговорност, свесност и зрелост во однесувањето на сите учесници во сообраќајот. Културата во сообраќајот не е само прашање на почитување на законските прописи, туку одраз на степенот на општествена етика, меѓусебна почит, солидарност и човечка одговорност.
Современиот сообраќај претставува сложен систем во кој безбедноста зависи од индивидуалната свест и колективната дисциплина. Секој пешак, велосипедист, мотоциклист и возач има подеднакво важна улога во создавањето безбедна и хумана сообраќајна средина. Оттука, културата во сообраќајот започнува од личниот пример – од трпението, почитта кон другите, вниманието и одговорното однесување.
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата упатува апел до сите граѓани активно да придонесат кон градење на сообраќајна култура која ќе се темели на почитување на човечкиот живот како највисока вредност. Безбедноста во сообраќајот не смее да се сфаќа како индивидуална обврска, туку како заедничка општествена мисија и стратешки интерес на државата.
„Меѓународниот ден на културата во сообраќајот“ е можност да потсетиме дека секое одговорно однесување спасува живот, дека секоја почитувана сообраќајна норма значи поголема безбедност и дека вистинската култура се манифестира токму тогаш кога покажуваме грижа за другите.
Да изградиме сообраќај во кој свеста, одговорноста, хуманоста и меѓусебната почит ќе бидат одлик на нашето лично однесување.
Безбедниот сообраќај е одраз на зрело и одговорно општество во кое слоганот „Секој живот е важен“ треба да биде водилка на нашето однесување.