Денес во ОУ „Димитар Миладинов“ во Населба Лисиче-Скопје, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, на учениците од V-то одделение им одржа кратко предавање за основните правила што треба да ги познаваат додека управуваат со велосипед и додека се движат и преминуваат улица.
Редовна употреба на заштитна кацига и на светла облека, познавање на основната патна сигнализација и основните правила кои важат и за велосипедисти и за пешаци, беа дел од презентираниот материјал со кој РСБСП уште еднаш ги потсети децата како треба да се однесуваат во сообраќајот и како да бидат позитивен пример за останатите учесници во сообраќајот.
Учениците со особено внимание ја проследија презентацијата и уште еднаш ги потврдија своите познавања од областа на сообраќајот.
Воедно, оваа прилика РСБСП ја искористи да ги подели и наградите од Конкурсот за најдобар цртеж на тема „Безбедност на децата во сообраќајот“, на кој првото и третото место во конкуренција од повеќе од 1000 цртежи, од ученици од цела Македонија, ги добија токму две ученички од ова училиште.
РСБСП додели и Благодарница за посебен придонес во подигнувањето на свеста за одговорно учество во сообраќајот и сообраќајната култура, на ОУ „Димитар Миладинов“, истакнуваќи ја нивната несебична поддршка во сите активности организирани од РСБСП.