За многумина можеби, патувањето со јавен превоз, не е толку пријатно и комотно како патувањето со сопствено возило, но особено важно е да се истакне дека постојат повеќе реални причини зошто треба да се користи јавен превоз. Замислете еден голем милионски град како би функционирал без организиран јавен превоз. Блокада, општ сообраќаен хаос, закочен сообраќај, отежнато движење, загаден воздух…..
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ви нуди неколку корисни совети зошто треба да користите јавен превоз.
-
Безбедност. Според статистичките податоци, ако се земе во предвид бројот на поминати километри и бројот на пренесени патници, јавниот превоз е најбезбедниот начин за пристигнување до посакуваната дестинација.
-
Сигурност. Јавниот превоз е редовен и загарантиран. Со користење јавен превоз се елиминираат потенцијалните ризици кои го загрозуваат патувањето: техничка неисправност на возилото, откажување на возилото на пат итн.
Сообраќаен метеж. Гужвите и застојот во сообраќајот значително ќе се намалат преку зголемена употреба на јавниот превоз, а тоа всушност значи безбеден сообраќај и заштедување време – како еден од најважните ресурси на 21 век. Полн автобус значи замена за 50 автомобили на улиците.
Економија. Јавниот превоз заштедува пари. Дефинитивно, економски најисплатлива форма на патување е користењето јавен превоз. Без трошоци за гориво, без трошоци за одржување и амортизација на возилото, без трошоци за регистрација и осигурување, без трошоци за паркинг итн.
-
Екологија. Организираниот јавен превоз дефинитивно значи и помалку емисија на штетни гасови и поздрава животна средина. Предизвикот за ставање во функција автобуси на електричен погон е далеку пореална и побрзо остварлива опција од масовното користење електрични автомобили. Бројот на пренесени патници со јавен превоз е далеку поголем од бројот на пренесени патници со автомобили, особено ако се има во предвид трендот дека автомобилот сѐ повеќе е средство за личен превоз на едно лице, а не семејно возило. Покрај тоа, јавниот превоз ја намалува потребата од паркинг простор и овозможува пренамена на просторот за други цели (изградба на здравствени и образовни установи, паркови, спортски објекти и др).
-
Здравје. Користењето јавен превоз носи повеќе позитивни бенефити по здравјето на корисниците. Истражувањата на релевантни меѓународни организации, покажуваат дека лицата кои користат јавен превоз се физички поактивни (пешачење до автобуската постојка, пешачење од почетната и до крајната дестинација), помалку се изложени на стрес (стрес од случувањата во сообраќајот, одговорност, потрага по паркинг места и др.) и имаат можност за опуштено и релаксирано патување (слушање музика, читање книга, играње компјутерски игри и др.).
-
Социјална интеграција. Јавниот превоз обезбедува мобилност за секој поединец т.е. можност за патување за секого без оглед на социјалниот статус во општеството, здравствената состојба, возраста, потребите итн. Покрај тоа, за разлика од изолираните патувања со автомобил, јавниот превоз нуди можност за комуникација, дружење и ширење познанства и пријателства. Јавниот превоз помага да се поттикне чувството на припадност кон заедницата. На пример, луѓето што патуваат заедно имаат поголема веројатност да почувствуваат врска со заедницата, од оние кои патуваат со автомобили во изолација. Едноставно, јавниот превоз ја зголемува социјалната кохезија, преку промоција на позитивна интеракција помеѓу корисниците.
Од наведеното, можеме да донесеме заклучок дека, секој дел од општеството, поединците, семејствата, заедниците и бизнисот имаат корист од јавниот превоз.
Јавниот превоз обезбедува лична мобилност и слобода за луѓето и е клучен за достапноста на секој град. Користењето на јавниот превоз треба да биде секојдневна практика, а градењето култура и навика за користење на јавниот превоз, како алтернатрива на личните автомобили, е особено важно и е во функција на општиот и заеднички интерес за сите.
РСБСП апелира до учесниците во сообраќајот, да бидат безбедни во сообраќајот и да користат јавен превоз, а провајдерите на јавниот превоз континуирано да ги унапредуваат условите и услугите во јавниот превоз.