Пневматиците се една од поважните безбедносни карактеристики на возилото и во голема мера влијаат за сигурно управување со возилото: на неговиот сопирачки пат, на бучавата на возилото, па дури и на потрошувачката на гориво. Со други зборови, пневматиците влијаат врз безбедноста и удобноста на патувањето.
Правилниот избор на пневматици е тешка одлука за сопственикот на возилото, која треба да ја донесе правејќи компромис меѓу безбедноста и удобноста на патувањето и семејниот буџет. Токму затоа, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата за сите возачи подготви совети и препораки како да изберат вистински пневматици за возилото:
· Прво и основно, најважно е да не се праваат импровизации. Во секој понов автомобил има упатство од кое може да се добијат прецизни информации какви пневматици (според карактеристиките) се најсоодветни за вашето возило. Прочитајте го упатството и постапувајте по истото. За постарите автомобили кои немаат упатство или од одредени причини не постои можност да се користи упатството, препорачуваме да се консултирате со овластени сервисери.
· При изборот на пневматици, секој возач треба да се води од типот на возилото, од неговата намена, од навиките на возење, од средината во која најчесто го користи возилото итн. Важна разклика за изборот на пневматици прави секојдневната употреба и намена на возилото: дали се користи претежно во населени места или на автопат, дали возилото е почесто товарено (ова посебно се однесува на таканаречените Pickup возила, комби, џип), дали користи приколка или се користи пред сѐ како патничко возило. Во зависност од намената, брзината, навиките за возење, се усогласува и изборот на пневматикот.
· Читање на ознаките. На секој пневматик има ознаки кои ги потенцираат неговите карактеристики и особено е важно да се информирате за пневматикот пред да решите да го употребите на возилото.
Најчесто ознаките на пневматиците се од типот „P195/60 R16 63H M + S“, каде:
„P“ го означува видот на возилото за кој е наменет пневматикот. Ако кодот за големина на гумите започнува со LT наместо со P, тоа значи дека пневматикот е наменет за лесен камион, а не за патничко возило.
„195“ – трицифрениот број ја означува ширината на пневматикот во милиметри
„60“ – двоцифрениот број по косата црта го означува соодносот на страничниот ѕид во споредба со ширината на пневматикот. На пример, пневматик со големина 195/60 R16 бројот 60 значи дека висината е еднаква на 60% од ширината на гумата.
Буквата „R“ во големината на пневматикот е за Radial, што значи дека слоевите се протегаат радијално низ гумата.
„16“ – означува дијаметар на пневматикот. Дијаметарот е големината на пневматикот што се мери од едниот крај до другиот. Големината 195/60 R16 е направена за тркало со дијаметар од 16 инчи.
„63H“ – рејтинг на брзината што претставува способност на пневматикот да ја растури топлината или да спречи зголемување на топлината. Топлината е непријател на гумата. Колку повеќе топлина, толку побрзо гумата сe троши и расипува. Најчесто користени типови се H и T и тоа значи способност на гумата да растура топлини или помалу трошење на гумата при поголеми брзини. S е ознака на пневматици наменети за возила кои се движат претежно во населено место со помали брзини.
„М“, „S“, „M+S“ ја означува намената на пневматикот, зимски, летен, комбиниран итн.
Правилниот избор на пневматици е од витално значење за подобрување на безбедноста во сообраќајот. Тој избор не вклучува само избор меѓу зимски, летни или универзални пневматици, туку и избор на производител. Од неодамна, во Република Македонија има наплив на голем број пневматици со азиско потекло, со сомнителен квалитет, кои не ги задоволуваат европските стандарди за безбедност. Со купување на овие производи, возачите ја компромитираат својата безбедност, како и безбедноста на другите учесници во сообраќајот. Затоа, препорачливо е да се користат пневматици од реномирани светски производители кои ги задоволуваат и ги гарантираат стандардите за безбедност.
Во однос на користењето на т.н. универзални гуми, би истакнале дека истите не нудат добри перформанси ни во летни ни во зимски услови и затоа претставуваат лош компромис кој секако се одразува на безбедноста во сообраќајот. РСБСП препорачува да се користат летни пневматици, во услови на пролет/лето (температура над 7 степени целзиусови) и зимски пневматици со знак на снегулка, во временски услови кога температурата е под 7 степени. Според правилникот за користење зимска опрема, во Република Македонија, во периодот од 15 ноември до 15 март, обврска е да се користат зимски гуми, додека во периодот од 15 март до 15 ноември – летни гуми. Ваквиот избор на пневматици ја гарантира безбедноста во сите услови, а со тоа се продолжува и животниот век на самите пневматици.
Одберете безбедни пневматици и почитувајте ги наведените совети на РСБСП изготвени од Мото Центар, како подржувач на ,,Летна Кампања 2017’’.