Летната кампања „Безбедно лето 2022“ се спроведува под мотото „Вози одморен“ и се реализира во периодот јуни-септември, кога има зголемена сообраќајна фреквенција и високи температури, со што се зголемува ризикот за загрозување на безбедноста на сообраќајот на патиштата. Основната цел на оваа кампања е подобрување на безбедноста на сообраќајот на патиштата, и кај македонските и кај странските учесници во сообраќајот, преку едукација и подигање на свеста кај возачите за почитување на сообраќајните правила и прописи, со акцент на подигањето на свеста за влијанието на високите летни температури и на заморот врз способноста за управување со моторно возило.
Во овој период по коридорот 10 најбројни се возилата од Република Србија кои транзитно поминуваат или дел се задржуваат во нашата држава. Затоа Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата заедно со Агенцијата за безбедност на сообраќајот од Република Србија, Министерствата за внатрешни работи од Република Северна Македонија и од Република Србија и Факултетот за безбедност – Скопје, реализираат кампања за безбедно лето под мотото „Вози одморен“. Кампањата се реализира низ сите населени места во РСМ, како и долж коридорот 10 на територијата на РСМ и на Република Србија ‒ со опфат на возачите од двете држави, но и на странските возачи кои транзитно поминуваат по овој коридор.
На 13 јули, на граничниот премин Табановце, беше реализиран едукативно-превентивен настан на кој беа присутни министерот за внатрешни работи на РСМ, Оливер Спасовски, претседателката на РСБСП, Гордана Кожуваровска и директорот на Агенцијата за безбедност на сообраќајот на Р. Србија, Бранко Стаматовиќ.
Обврска на возачите е да бидат максимално подготвени, одморени и концентрирани за патување, да се прилагодат на условите на патот и да ја провераат техничката исправност на возилото.
Затоа упатуваме апел до сите учесници во сообраќајот, особено до возачите на моторни возила, да ги почитуваат правилата и прописите во сообраќајот, да ја почитуваат препорачаната брзина, да не возат под дејство на алкохол, почесто да прават паузи за одмор, оние кои патуваат на подолги релации да запираат барем на секои 2 часа за да направат пауза од 15 мин., да не го потценуваат заморот, да патуваат одморени и наспани, затоа што сообраќајните незгоди кои се последица на заморот најчесто завршуваат фатално. Покрај заморот, брзината и алкохолот се главните причини за предизвикување на сообраќајни незгоди со фатални последици.
Возете одморени, возете безбедно!