Преку “пијани очила” младите осознаа какви физички способности имаат кога управуваат возило под дејство на алкохол.
„Стоп за изгубените млади животи во сообраќајни незгоди“ е мотото под кое денеска се организираше сообраќајно едуктивно предавање за учениците во СУГС “Никола Карев”- Скопје. Младоста, годините, темпераментот, склоноста кон ризично однесување во комбинација со брзо возење и алкохол ги прави младите најголеми загрозувачи на безбедноста на сообраќајот на патиштата. Водејќи се од тоа, Републичкот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата во соработка со Министерството за внатрешни работи и АМСМ организираа сообраќајно, едукативно предавање се со цел едуцирање на младите, за сообраќајните правила и прописи и важноста истите да се почитуваат.
Посебен акцент на денешниот настан беше ставен на алкохолот и брзината како најголеми ризик фактори кои ја загрозуваат безбедноста на младите и сите останати учесници во сообраќајот. Користејќи аудио и видео материјали со голем број на практични примери, младите беа запознаени за последиците од неодговорното однесување во сообраќајот. Исто така во рамките на предавањето, младите имаа можност со помош на таканаречените „пијани очила“ да го осознаат искуството, перцепцијата и физичките способности за управување на моторно возило под дејство на алкохол и останати психотропни супстанции и на тој начин всушност преку симулирани активности во совесна состојба да го сфатат ризикот и опасностите на кои се изложуваат при управување на моторно возило под дејство на алкохол и наркотици.