“Добре дојдовте во Република Македонија” и “ Возете безбедно на македонските патишта”, им порачаа на странските патниците кои слетаа на скопскиот аеродром Александар Велики во Скопје, претседателот на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, Стојче Стаменковски и директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Горан Јандреоски, и им поделија флаери на англиски јазик, во духот на сообраќајно едукативната кампања, која започна денеска и ќе трае во наредните три месеци на двете воздушни пристаништа во Скопје и во Охрид.
Покрај добредојде, Стаменковски и Јандреоски, на странските патници уште еднаш им укажаа, дека нивното одговорно вклучување во сообраќајот и квалитетна информираност за најважните сообраќајни правила кои треба да ги почитуваат во земјава, ќе значи нивно, но и на сите учесници во сообраќајот, брзо, ефикасно и сигурно стигнување до посакуваната дестинација.
Сообраќајно едукативната кампања се реализира во соработка на РСБСП и АЦВ, поддржана од МВР, а во истата ќе се вклучат и Агенциите за изнајмување моторни возила во земјава.
Едукативната акција наменета за странските туристи, сметаат организаторите, ќе придонесе за побезбеден сообраќај во летниот период, намалување на бројот на сообраќајни незгоди во кои учесници се странските државјани, ќе го подигне квалитетот на нивниот одмор, а едновремено ќе влијае на отстранувањето на несаканите ситуации во кои може да се најдат туристите поради непознавање на позитивните законски одредби во Република Македонија.
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Агенцијата за цивилна воздушна пловидба им посакуваат добар одмор, убав престој и безбедно учество во сообраќајот на сите странски туристи а секако и на македонските граѓани.