РСБСП со превентивна кампања за поголема сообраќајна безбедност и поддршка на системот „Безбеден град“
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата – РСБСП, во соработка со Министерството за внатрешни работи, Општинските совети за безбедност на сообраќајот на патиштата и другите релевантни партнери, ја реализира сообраќајно-превентивна кампања „БЕЗБЕДЕН ГРАД – за безбедни учесници во сообраќајот“.
Kампањата е насочена кон информирање и едукација на сите учесници во сообраќајот, а особено на возачите на моторни возила, за начинот на функционирање на системот „Безбеден град“, неговата улога во откривањето и санкционирањето на сообраќајните прекршоци, како и за правата и обврските на учесниците во сообраќајот чии прекршоци ќе бидат регистрирани со технички средства и уреди за снимање.
„Безбеден град“ претставува значаен исчекор кон современ, поефикасен и пообјективен систем на контрола на сообраќајот, во кој примената на современите техничко-технолошки решенија придонесува за навремено откривање на однесувањата со кои се загрозува безбедноста на патиштата.
Системот овозможува регистрирање на прекршоци, меѓу кои непочитување на пропишаната брзина на движење, поминување на црвено светло, управување возило со истечена сообраќајна дозвола и непрописно паркирање, со можност опфатот на прекршоците во иднина дополнително да се проширува.
Неговата примена придонесува кон поголема објективност, неселективност и ефикасност во постапувањето, со намалување на влијанието на човечкиот фактор при идентификувањето и документирањето на сообраќајните прекршоци.
Целта, сепак, не е да се санкционираат што е можно поголем број возачи. Целта е што помалку прекршоци, што помалку сообраќајни незгоди и што повеќе спасени човечки животи.
Во тој контекст, кампањата има јасна и силна порака: безбедноста во сообраќајот не се гради само со санкции, туку пред сè со одговорност, почитување на правилата и свест дека секое неодговорно однесување може да има неповратни последици.
Посебен сегмент од кампањата ќе биде реализиран на граничните премини при влез во Република С. Македонија, каде што возачите на моторни возила, вклучително и возачите на возила со странски регистарски ознаки, ќе добиваат информации и едукативни материјали за системот „Безбеден град“, неговата примена и обврските за почитување на сообраќајните правила.
РСБСП упатува јасен апел до сите учесници во сообраќајот:
Почитувајте ги правилата. Почитувајте ги сообраќајните знаци. Почитувајте ги другите учесници во сообраќајот.
„Безбеден град“ не треба да биде причина да возиме внимателно само затоа што можеме да бидеме санкционирани, треба да биде потсетник дека внимателното и одговорно однесување е наша лична и општествена обврска.
Системот може да го регистрира прекршокот.
Но, одлуката да не го направиме – ја носиме ние.
Со заедничко, одговорно и дисциплинирано однесување можеме да создадеме побезбедни улици, побезбедни градови и побезбедни патишта.
БЕЗБЕДЕН ГРАД – ЗА БЕЗБЕДНИ УЧЕСНИЦИ ВО СООБРАЌАЈОТ
ЗА ПОМАЛКУ ПРЕКРШОЦИ
ЗА ПОМАЛКУ ЖРТВИ
ЗА ПОВЕЌЕ СПАСЕНИ ЖИВОТИ
ЗАТОА ШТО СЕКОЈ ЖИВОТ Е ВАЖЕН.