Претседателот на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата (РСБСП), Горан Ангеловски, учествуваше на стручната работилница за обука за развивање и имплементација на Планови за одржлива урбана мобилност, која се одржа на 05.06.2026 год. во просториите на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) во Скопје.
Настанот беше организиран од Министерството за транспорт во рамки на „Проектот за поврзување локални патишта“, поддржан од Светска банка, а на него присуствуваа градоначалници од урбаните општини, претставници на повеќе министерства и институции, како и носители на одлуки од национално и локално ниво.

Во своите обраќања, министерот за транспорт Александар Николоски, претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски и директорката на Светска банка за Македонија, Карол Межеван, ја нагласија важноста од стратешкото планирање на сообраќајната инфраструктура и потребата од развој на современи и одржливи транспортни системи во македонските општини.
Работилницата беше посветена на унапредување на капацитетите на институциите за подготовка и спроведување на Планови за одржлива урбана мобилност (ПОУМ), со посебен акцент на подобрување на протокот на сообраќајот, намалување на метежот, зголемување на безбедноста на пешаците и велосипедистите и подобрување на квалитетот на животната средина.
Во рамки на настанот, на претседателот на РСБСП, Горан Ангеловски, му беше доделен сертификат за развивање и имплементација на Планови за одржлива урбана мобилност во рамки на проектот „Поврзување на локални патишта“ како признание за активната улога на РСБСП во проектот и во креирањето и поддршката на политики насочени кон побезбедна и поодржлива мобилност во Македонија.

РСБСП продолжува со мисијата: безбедноста на сообраќајот мора да остане еден од врвните приоритети во процесите на урбано планирање и развој, а соработката меѓу државните институции, локалната самоуправа и меѓународните партнери е клучна за создавање на побезбедни, пофункционални и поквалитетни услови за живот на граѓаните.