Сообраќајната култура е специфичен вид на култура која треба да ја поседува и секојдневно да ја практикува секој учесник во сообраќајот.
Сообраќајната култура е мошне важен елемент на безбедноста во сообраќајот и не претставува само познавање на сообраќајните правила и прописи и поседување на вештини и умеење да се управува со возило, туку истовремено претставува и навика на нивно редовно и безусловно почитување и применување. Со други зборови, сообраќајната култура претставува начин на перцепирање на односите во сообраќајот, начин на движење и однесување во сообраќајот кој треба да биде во насока на исполнување на општите и заеднички интереси на сите учесниците во сообраќајот, а тоа е непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.Културата и етиката во сообраќајот се учат од мали нозе. Самиот процес на едукација е далеку полесен процес од процесот на промена на навиките и културата во сообраќајот. Токму затоа неопходно е да ги учиме децата на сообраќајна култура од најрана возраст. Искуството покажува дека ги учиме децата на многу работи, а недоволно ги учиме за тоа како да бидат безбедни и примерни учесници во сообраќајот. Сообраќајната култура е дел од личноста на еден човекот и претставува одраз на неговиот карактер и како човек и како учесник во сообраќајот.
Карактеристично е тоа што најголем дел од учесниците во сообраќајот се единствени во ставот дека сообраќајната култура и етика не се на потребното и на посакуваното ниво, но за жал речиси сите ги бараат причините, вината и пропустите кај другите, а истовремено заборавајки дека сообраќајот е сложен систем, мозаик во кои сите ние партиципираме.
Учество во сообраќајот е дејствие кои сите ние секојдневно го реализираме како пешаци, велосипедисти, мотоциклисти, возачи на моторно возила, патници, итн.За сите учесници во сообраќајот постојат јасно дефинирани и прецизни правила и прописи кои сите треба да ги знаат, но и да ги почитуваат. Унапредување на културата, етиката и толеранцијата во сообраќајот значително ќе придонесе за побезбеден и посмирен сообраќај, односно ќе придонесе за помалку сообраќајни незгоди, помал сообраќаен метеж и помалку настрадани лица на улиците и патиштата.
По повод 11-ти Мај, Денот на културата во сообраќајот, РСБСП со апел: „Повисоко ниво на култура во сообраќајот е неопходна со цел намалување на бројот на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди. Да се почитуваме меѓу себе, како луѓе и како учесници во сообраќајот, и да изградиме систем на општествени вредности во кој културата и етиката во сообраќајот ќе имаат важно и водечко место. Секое незнаење, некултура и непочитување има цена, но незнаењето, некултурата и непочитувањето на правилата и прописите во сообраќајот чинат изгубени човечки животи.
Бидете внимателни, одговорни, културни и толерантени учесници во сообраќајот, денес и секој друг ден!
#ДЕННАКУЛТУРАТАВОСООБРАЌАЈОТ