Условите под кои се одвива сообраќајот во зимските месеци се по многу нешта специфични. Снег, мраз, голомразица, но и намалена видливост поради густата магла, се причините кои го отежнуваат нормалното одвивање на сообраќајот, како низ градските средини, така и на патиштата кои се трасирани долж речните корита, по долините, котлините и на планинските превои.
Појавата на магла се карактеризира со намалена видливост на патот, што ја намалува ориентацијата во просторот, возачот има погрешна проценка за оддалеченоста со другите возила, а поради изразената влага во атмосферата доаѓа до лош контакт на гумите со подлогата. Видливоста на патот, пак, е условена од густината на маглата, замаглувањето и наросувањето на ветробранското стакло, како и од распрскувањето на светлосните зраци од сопственото возило и од возилата кои доаѓаат од спротивен правец.
Ваквите услови и временски прилики од возачите бараат посебна внимателност и прилагодена брзина на возење.
За ваше безбедно учество во сообраќајот, во услови на густа магла на патиштата, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, ве советува:
- Секогаш користете сoборени светла и (или) магленки (доколку маглата е густа и видливоста е помала од 100 метри), а доколку е потребно вклучете четири трепкачи, и на крај, доколку видливост е многу намалена, користете ја и сирената на автомобилот и отворете го прозорецот за да можете да ги слушнете другите возила.
- Брзината на движење прилагодете ја пропорционално со намалената видливост на патот, односно возете со брзина со која ќе можете да застанете пред која било препрека што ќе ја забележите
- Не забрзувајте ја брзината на возење нагло и не успорувајте нагло, не правете нагли промени на правецот на движење и најважно: не кочете нагло!
- Секогаш држете безбедно растојание
- Секогаш возете блиску до десниот раб од коловозот
- Никогаш не паркирајте на пат, особено во услови на магла
- Избегнувајте да престигнувате и да запирате на отворен пат
- Ако запирањето е неопходно, поставете соодветна сигнализација за одбележување на возилото. Сигнализацијата поставете ја на поголемо растојание од она на кое би ја поставиле во нормални услови.
- Ако учествувате во сообраќајна незгода во услови на густа магла а притоа не ви се вклучени светлата за магла тоа може да влијае на вашата можност да ги искористите вашите права од осигурувањето на возилото.
- Доколку не постојат услови за безбедно одвивање на сообраќајот едноставно прекинете го патувањето или одложете го за друг пат кога ќе постојат соодветни услови.
Покрај овие корисни совети за безбедно учество во сообраќајот, РСБСП со потсетување до сите возачи-учесници во сообраќајот, возењето во вакви временски услови бара потполно исправни светла и исправни бришачи, што воедно е и законска обврска за секој возач, да управува со технички исправно возило.
Возете одговорно за да пристигнете безбедно до вашата посакувана дестинација!
И не заборавајте да ги исклучите светлата за магла кога ќе излезете од зоната на магла затоа што на тој начин ја загрозувате безбедноста на останатите учесници во сообраќајот и за сторениот прекршок според ЗБСП следува глоба во износ од 35 евра во денарска противвредност во мандатна постапка или на возачот ќе му се регистрираат 20 негативни бода во возачката книшка.
РСБСП ви посакува среќен пат.