Шведска деновиве беше домаќин на Третата глобална министерска конференција за безбедност на патиштата. Тема на конференцијата беше постигнување глобални цели за безбедност на сообраќајот до 2030 година. Настанот беше коорганизиран од Светската здравствена организација (СЗО) и на истиот присуствуваа делегации предводени од министри од околу 80 земји од светот. Покрај тоа на конференцијата учествуваа и претставници од светот на индустријата, науката и истражувањето, меѓународните институции и организации, итн.Конференцијата беше добра можност за учесниците да споделат искуства и лекции од имплементацијата на Глобалниот план – декада на акција за безбедност на патиштата 2011-2020 и да ги искажат идните стратешки насоки за глобална безбедност на патиштата до 2030 година.Возење под дејство на алкохол и употреба на лекови од страна на возачите е силен ризик фактор за предизвикување на сообраќајни незгоди. Токму затоа во организација на Агенцијата за јавно здравство на Шведска и Министерството за внатрешни работи на Шведска, на ден 18.02.2020 година, како настан во рамките на Третата глобална министерска конференција за безбедност на патиштата се одржа стручен собир за размена на знаења и искуства со цел реализација на глобална акција за спречување на сообраќајни незгоди кои се последица на употреба на алкохол и дрога од страна на учесниците во сообраќајот.
На стручниот собир присуствуваа претставници од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата – Претседателот на РСБСП м-р Гордана Кожуваровска и Вјолца Бајрами-член на РСБСП, кои остварија средба и со владиниот преседавач на Комитетот на Меѓународната Федерација за патишта Филип Виерс, кој најави посета на нашата земја. Стекнатите знаења и искуства ќе бидат имплементирани во работата и активностите на РСБСП. Покрај тоа , во рамките на настанот беа одржани повеќе работни средби со претставници на повеќе меѓународни организации од областа на сообраќајот на патиштата од земјите од регионот и пошироко.