Скопје (10.05.2016) Безбедноста на сообраќајот на патиштата во нашата држава претставува примарна општествена одговорност на сите организации и поединци, каде особено важен е мулти-секторскиот пристап кон прашањата и проблемите од областа на сообраќајот на патиштата. Токму ова е единствен начин за намалување на бројот на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди на патиштата.
Водејќи се од ова, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Спортскиот центар „Борис Трајковски“ денес потпишаа меморандум за соработка со цел партнерство и заедничка реализација на сообраќајно превентивни активности за едукација, тренинг и обука на учесниците во сообраќајот и подигање на нивната свест за одговорно однесување во сообраќајот и почитување на сообраќајните правила и прописи. Како составен дел од овој меморандум договорните страни посебно се обврзаа да преземат мерки и активности за подобрување на безбедноста на ранливите групи учесници во сообраќајот, како што се пешаците и велосипедистите и пред се возачите почетници.
“Меморандумот кој што денес беше потпишан претставува основа за понатамошна успешна соработка во реализацијата на сообраќајно превентивни активности кои веруваме ќе дадат сериозен придонес во подобрувањето на безбедноста на сообраќајот на патиштата и намалување на последиците од сообраќајните незгоди“, истакнаа страните потписнички на меморандумот, истовремено повикувајќи ги сите поединци и деловни субјекти да покажат повисоко ниво на лична, корпоративна и општествена одговорност, преку свој придонес кон побезбеден сообраќај.