Мултисекторски пристап и заедничка грижа за безбедноста на младите во сообраќајот е примарниот мотив и водечката цел за потпишување на меморандум за стратешко партнерство и соработка помеѓу Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) и Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје.
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) и Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје денес во просториите на универзитетот потпишаа меморандум за соработка со кои заеднички се заложија за унапредување на безбедноста на младите во сообраќајот преку размена на искуства, совети и информации, како и организација и реализаиција на заеднички активности, советувања, едукативни вежби, работилници, обуки за зголемување на безбедноста на младите во сообраќајот, итн. Следење и примена на позитивни светски пракси за заштита на младите како ризична групи на учесници во сообраќајот и намалување на бројот на сообраќајни незгоди во кои учесници се младите е онаа за што посебно ќе се залагаат двете институции во наредниот период.
Претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата м-р Стојче Стаменковски изјави дека врз основа на денешниот меморандум за соработка РСБСП и УТМ во наредниот период заеднички ќе реализираат бројни активности за зголемување на безбедноста на младите во сообраќајот, при што во фокусот на интерес ќе бидат теми поврзани со брзото возење, возењето под дејство на алкохол и возење под одвлечено внимание како најчести причини за сообраќајните незгоди во кои жртви се младите а исто така ќе бидат опфатени и други едукативни активности поврзани со улогата на студентите во процесот на градење на сообраќајната култура.
Ректорот на Универзитетот за туризам и менаџмент Проф. д-р Аце Миленковски истакна дека потпишувањето на денешниот меморандум за соработка со РСБСП претставува чекор напред кон континуирана размена на искуства, совети и информации во врска со позитивните пракси кои се употребуваат и кои што можат да се применат, а се со единствена цел поголема сообраќајна едукација на студентите и вработените во универзитетот и поголема вклученост на студентите и вработените во реализација на општествено одговорни активности како што е безбедност на младите во сообраќајот.