Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата во пресрет на претстојните празници апелира до сите учесници во сообраќајот да бидат одговорни и да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Посебно апелира до младите возачи да ги почитуваат правилата и прописите кои се однесуваат на неуправување на моторно возило под дејство на алкохол и почитување на правилата за ограничување на брзината. Статистичките податоци покажуваат дека брзото возење и алкохолот се доминантна причина за сообраќајни незгоди со фатални последици, во кои учесници се токму младите.
„Затоа, уште еднаш апелираме за совесно учество во сообраќајот. Да не дозволиме момент на невнимание, момент на непромисленост и момент на деконцентрација или еуфорија да предизвикаат последици за кои ќе се каеме целиот свој живот. Да не дозволиме овие прекрасни новогодишни празници да се претворат во нечија семејна трагедија. Исто така, апелираме до оние кои немаат вистинска потреба од него, за време на новогодишните празнувања, да не го користат сопственото возило. До оние, пак, кои се одлучиле да патуваат на подалечна дестинација, апелираме задолжително да користат зимска опрема, да ја проверат техничката исправност на возилото и особено да внимаваат на мостови, надвозници, подвозници, пред влез и излез на тунел, остри кривини и останати осојни места, поради веројатноста од појава на голомразица, која значително може да го загрози безбедното одвивање на сообраќајот. Оние кои патуваат во планинските предели и низ клисурите, треба особено да внимаваат на опасноста од појава на одрони на патиштата“, истакна секретарот на РСБСП, Ристо Манчев.
Во 2015 година, заклучно со денешниот ден,144 лица го загубија животот во сообраќајни незгоди, додека во 2014 година 130 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди. Бројките говорат дека има одредено зголемување. Ако го земеме в предвид фактот дека во 2013 година,198 лица го загубија животот во сообраќајни незгоди, како и фактот дека во просек во Република Македонија 160-170 лица годишно го губат животот во сообраќајни незгоди, може да се констатира дека, во последните две години постои одреден напредок во намалување на сообраќајните незгоди.
„Тоа не значи дека овие бројки ги оценуваме како добри, напротив наша цел е до 2020 година бројот на загинати лица во сообраќајни незгоди да се намали под 100, што воедно е европски просек гледан низ призмата на Македонија. Во тој поглед, важно е да се истакне дека, Република Македонија има помалку загинати лица во сообраќајни незгоди на 100 000 жители од сите земји во нашето окружување, со исклучок на Словенија“, изјавуваат од РСБСП.
Она што е карактеристично, а се однесува на настраданите лица во сообраќајни незгоди е поврзано со анализите на РСБСП кои покажуваат дека најзагрозена група учесници во сообраќајот се пешаците. Во 2015 година според анализите на РСБСП, 43 пешаци го загубиле животот во сообраќајни незгоди. Исто така, за жал, во пораст е и бројот на загинати деца во сообраќајни незгоди. Податоците покажуваат дека во 2015 година, 9 деца на возраст до 4 години го загубиле животот во сообраќајни незгоди, односно 13 деца на возраст од 5 до 18 години.
Се надеваме дека со повисоко ниво на јавна свест, со повисоко ниво на лична одговорност на секој учесник во сообраќајот и со засилени активности на сите надлежни институции, 2016 година ќе биде многу поуспешна, со минимален број лица кои настрадале на патиштата во Република Македонија.
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ви посакува среќни и безбедни празници.