Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата потпиша меморандум за соработка со Црвениот крст на Република Северна Македонија заради взаемна поддршка и заеднички активности од хуманитарен карактер и грижа за безбедноста на сите учесници во сообраќајот на патиштата.
Договорот го потпишаа Гордана Кожуваровска, претседател на РСБСП и Саит Саити, генерален секретар на Црвениот крст.
Посебен акцент ќе биде ставен на промовирањето мерки за здраво и безбедно живеење и учество во сообраќајот, преку спроведување на заеднички активности од првата помош поради позитивните импликации кои таа ги има во секојдневниот живот, во превенција од заболувања и пред сѐ во промоција на здраво, сигурно и безбедно однесување на членовите на заедницата во сообраќајот на патиштата.
На потпишувањето на меморандумот за соработка присуствуваа и Тони Јакимовски, секретар на РСБСП, како и претставници на Црвениот крст.