Консумирањето алкохол, дури и во релативно мали количини, го зголемува ризикот од учество во сообраќајна незгода. Токму затоа, секое седнување зад воланот после конзумирање алкохол, без разлика дали е тоа автомобил, камион, мотор или друго моторно возило – претставува сериозен криминал.
Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, возачот не смее да управува со возило во сообраќај на патот, ниту да започне да управува со возило, ако е под дејство на алкохол. Под дејство на алкохол се смета лице за кое ќе се утврди дека содржината на алкохол во крвта изнесува повеќе од 0.50 г/кг.
Возач-почетник не смее да управува со возило, односно да започне да управува со возило, ако во организмот има алкохол повеќе од 0,09 г/кг. Ова значи дека толеранцијата за алкохол за возач-почетник е приближно еднаква на 0 –„нула“.
Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, управување моторно возило под дејство на алкохол се санкционира со парична казна во износ до 375 евра, односно 60 негативни бода и забрана за управување возило од 12 месеци. Полицискиот службеник на самото место привремено ќе му ја одземе возачката дозвола и ќе го исклучи од сообраќај возачот за кој ќе се утврди дека е под дејство на алкохол. Ако постои основано сомнение дека возачот ќе продолжи со вршење на прекршокот, полицискиот службеник може да го задржи возачот во полициска станица до отрезнување, но не подолго од 12 часа.
Покрај строгите санкции, важно е да се истакне дека голем број лица го губат животот или се здобиваат со трајни телесни повреди-траен телесен инвалидитет, како последица од учество во сообраќајот под дејство на алкохол.
Водејќи се од тоа, РСБСП потенцира дека алкохолот е важен ризик-фактор што предизвикува сообраќајни незгоди, како и важен фактор за последиците од сообраќајните незгоди. Возачите кои имаат консумирано алкохол, имаат многу поголем ризик за учество во сообраќајни незгоди, во споредба со оние кои немаат. Според истражувањата на релевантни меѓународни организации, ризикот за предизвикување сообраќајни незгоди повеќекратно се зголемува со секоја дополнително испиена чашка алкохол.
Ризикот за предизвикување сообраќајна незгода зависи и од возраста на возачите. Младите и неискусни возачи кои пиеле алкохол се некоку пати (2.5 пати) поризични од повозрасните и поискусни возачи.
Зголеменото ниво алкохол во крвта се поврзува и со зголемување на сериозноста на повредите од сообраќајна незгода. Ова е посебно изразено кај фаталните сообраќајни незгоди. Имено , возач кој е под дејство на алкохол има 17 пати поголем ризик да предизвика сообраќајна незгода со фатални последици во споредба со возач кој не е под дејство на алкохол.
Алкохолот е ризик-фактор и за безбедноста на пешаците во сообраќајот. Една англиска студија покажува дека 48% од пешаците кои го загубиле животот во сообраќајни незгоди биле под дејство на алкохол. Во Република Македонија не постои прецизна статистика, но значаен дел од настраданите пешаци во сообраќајни незгоди биле под дејство на алкохол.
Ризикот за учество во сообраќајна незгода со фатални последици е за 4 пати повисок кај возачите на мотоцикл и велосипед, во однос на останатите возачи, покажуваат студии направени од релевантни организации.
Алкохолот влијае врз способноста на возачите и влијае на нивното однесување во сообраќајот на повеќе начини:
- Алкохолот ги намалува возачките вештини: ги нарушува психомоторните способности на возачот, го намалува видот, ја искривува сликата за околината и го нарушува слухот.
- Алкохолот делува како депресант на централниот нервен систем. Тоа предизвикува бавна, ненавремена и нецелосна перцепција на случувањата во сообраќајот, со што можноста за антиципирање на опасностите во сообраќајот значително се ограничува.
- Алкохолот влијае на способноста за расудување и носење одлуки.
- Возачите под дејство на алкохол и покрај намалените психомоторни способности, возат брзо и агресивно и насилно се однесуваат во сообраќајот.
Управувањето со моторно возило под дејство на алкохол е спротивно на цивилизациските и хуманите вредности на современото општество. РСБСП со апел – Време е да кажеме „Стоп“ за насилствата на патиштата и на улиците! „Стоп“ за возење под дејство на алкохол! Вози одговорно!