Управувањето со моторно возило спаѓа во една од најкомплексните активности коишто човекот ги изведува, од причина што истото бара извршување на многу операции и дејствија во краток временски период. Така на пример, за една минута од возачот во одредени сообраќајни ситуации се бара да одговори на повеќе активности и истовремено да донесе правилни одлуки за истите.
Во сообраќајот има потреба од ангажирање на сите сетила, при што видот и слухот спаѓаат во групата на најоптоварени сетила. Користењето на мобилниот телефон додека се управува со моторно возило дополнително ги оптоварува овие сетила, ја намалува способноста за реакција и неизбежно влијае на падот на концентрацијата кај возачите. Нема возач кој не знае дека зборувањето на мобилен телефон го одвлекува вниманието од случувањата во сообраќајот, како и дека пишувањето пораки додека управува со возилото е ризично и опасно. Сите возачи знаат, голем број ја почувствувале таа опасност и тој ризик, но и покрај тоа многу од нив секојдневно го користат мобилниот телефон кога се наоѓаат позади воланот.
Употребата на мобилните телефони за време на управувањето со моторно возило е ризично и опасно, осебено користењето на смартфони за пишување пораки, прелистување содржини на интернет, користење на апликации Фејсбук, Инстаграм и слично. Истовремено, истражувањата на Светската здравствена организација покажуваат дека употребата на мобилен телефон додека возите со возило ја зголемува опасноста од сообраќајна незгода за четири до девет пати.
Користењето на мобилниот телефон и пишувањето на пораки за време на управување со возило е спротивно на одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата за што е предвидена глоба од 40 евра во денарска противвредност и се поврзува со низа случени сообраќајни незгоди (излетување од коловозот, преминување на коловозна лента за движење на возилата од спротивниот правец и слично).
Нешто помала е опасноста од настанување на сообраќајна незгода кога се користи т.н. „хендсфри“ уред, при што двете раце на возачот се наоѓаат на управувачот на возилото.
Но, што станува со концентрацијата и вниманието на возачот?
Се поставуваат прашањата: Што е тоа што не може да почека барем до следното место каде што можете безбедно да застанете со возилото и да зборувате на мобилен? Дали бегајќи од метежот, гужвата и опкружувањето со луѓе свесно ги оставате телефонските разговори за моментите кога ќе сте сами зад воланот?
Дали сте свесни за ризикот и опасноста на која се изложувате, Вие, вашиот живот, животот на вашите најблиски и животот на било кој друг учесник во сообраќајот – со тоа што не можете да се воздржите да не го користите мобилниот телефон кога сте зад воланот?
Дали знаете дека пишувањето порака додека управувате со возило е еднакво на возење со затворени очи цели 6 (шест) секунди во кои возило со брзина од 60 км/ч поминува 100 метри.
Дали она за што разговарате на мобилниот телефон Ви е поважно од тоа да стигнете здрави, живи и безбедни на посакуваната дестинација.
Затоа РСБСП апелира: Кога возите, оставете го мобилниот телефон настрана. Животот, здравјето и безбедноста нека Ви биде секогаш на прво место.
Вози Одговорно!!!