Вие сте тука

Да ги заштитиме децата во сообраќајот

Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата денес ги промовираше сообраќајните линијари кои се намененети за децата од основните училишта. Проектот е реализиран во соработка со Министерството за внатрешни работи, а финансиски помогнат од страна на мисијата на ОБСЕ во Скопје. Ова практично е почеток на кампања насловена „ Да ги заштитиме децата во сообраќајот“ која во наредните три месеци  ќе се реализира во соработка со МВР, МОН, ОБСЕ и единиците на локалната самоуправа.

Претседателот на РСБСП Стојче Стаменковски истакна дека кампањата ќе биде широка и сеопфатна и ќе се реализира во три сегменти:

- Кампањата ќе биде широка и сеопфатна. Истата ќе се реализира преку три сегменти: првиот сегмент е денешниот настан - промоција на сообраќајните линијари, вториот сегмент е едукативни предавања кои ќе се реализираат во образовните инситуции во Република Македонија и третиот сегмент се едукативните и промотивни настани во кои свој придонес ќе дадат познати – јавни личности и личности од македонската естрада, изјави Стаменковски.

Освен ова, значајно е да се напомене дека РСБСП на последната седница донесе одлука за започнување на процес на анализа во кој ќе се утврдува начинот преку кој сообраќајот ќе треба да стане дел од редовниот образовен процес во Република Македонија. По завршувањето на анализата РСБСП ќе излезе со конкретни мерки и активности за реализација на овие активности. Сите овие мерки се насочени кон подигнување на свеста кај сите учесници во сообраќајот и намалување на бројката на деца-жртви во сообраќајни несреќи – додаде Стаменковски.

Анастасија Илијоска, државен секретар во Министерството за внатрешни работи истакна дека МВР активно ќе се вклучи во реализација на оваа кампања. Министерството за внатрешни работи во соработка со РСБСП ќе организира едукативни предавања кои во престојниот период треба да ги посетат сите градинки, основни и средно училишта. МВР  и РСБСП воедно апелираат на широка општествена поддршка за подигнување на свеста за заштита на децата како учесници во сообраќајот.

Статистиката покажува дека во 2014 година, 11 деца го загубиле животот во сообраќајни несреќи. Само за првите шест месеци од оваа година бројката изнесува 12 детски животи. Кампањата е дел од годишната програма за работа на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, а истата е дел од реализацијата на целите од националната стратегија за безбедност во сообраќајот на патиштата во која е поставена цел „0 деца – жртви во сообраќајни несреќи“.

Ваши предлози и коментари

Преку овој формулар можете да изнесувате корисни идеи, предлози и проекти од сите сфери во безедноста на сообраќајот.

Компании кои се грижат за безбедноста во сообраќајот

© 2019 rsbsp.org.mk | РСБСП E-mail
Developed by Kajgana Media