Циклусот сообраќајно-едукативни трибини за младите и нивната безбедност во сообраќајот, кои ги организира РСБСП во соработка со ОСБСП, продолжи во Охрид. Вчерашната едукативна трибина, на тема „Алтернативни форми на мобилност за побезбеден сообраќај“, се одржа во салата на Советот на Општина Охрид. Целта на оваа трибина е промоција на алтернативните форми на мобилност кај младите (велосипедизам, пешачење и сл.), подигање на свеста за нивно внимателно и одговорно учество во сообраќајот и поттикнување на надлежните институции за унапредување на условите и можностите за развој на алтернативните форми на мобилност во Охрид.
Доцент д-р Зоран Јошевски, претседател на Комисијата за наука при РСБСП, направи анализа за однесувањето на велосипедистите во градските средини, потенцирајќи ги проблемите со кои се среќаваат велосипедистите на градските крстосници, најчестите сообраќајни грешки кои ги прават велосипедистите и моторизираните учесници во сообраќајот, во однос на велосипедистите и пешаците. Апелот кој го испрати до учесниците на трибината, е секогаш да бидат внимателни и одговорни во сообраќајот и да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, затоа што токму велосипедистите и пешаците, покрај тоа што се најранлива група учесници во сообраќајот, во исто време се и најнедисциплинирани.
За проблемот со сообраќајот во градовите, свое видување даде и професор д-р Никола Крстаноски, кој ја истакна потребата градовите да се трансформираат во насока да се обезбедуваат услови за безбеден и одржлив транспорт, односно преку имплементација на мерки и услови за поголема застапеност на алтернативните форми на мобилност.
„Младите се силен фактор за зголемување на безбедноста во сообраќајот на патиштата“- истакна полицискиот советник и соработник на РСБСП, Љупчо Ставрески, укажувајќи за неопходна и поквалитетна подготовка на идните возачи, преку подолг период на учење и обука, повисоко ниво на општествена одговорност на младите и нивните родители за почитување на сообраќајните правила и прописи, со цел подобрување на безбедноста на сообраќајот на патиштата.
Претседателот на Општинскиот совет за безбедност, Стефан Димоски, додаде дека во 2014 година се случиле вкупно 29 сообраќајни незгоди, во кои настрадале велосипедисти, 23 велосипедисти се здобиле со лесни, 5 со тешки телесни повреди и 1 велосипедист го загубил животот. Во 2015 година, се случиле 13 сообраќајни незгоди во кои настрадале велосипедисти, 11 велосипедисти се здобиле со лесни телесни повреди, 2 со тешки телесни повреди и нема загинато ниту еден велосипедист, со што се потврдува трендот на подобрување на безбедноста на велосипедистите во сообраќајот во Охрид.
Најискрената и највпечатлива порака, пристигна токму од нивниот млад сограѓанин, Јован Јованоски, балкански и македонски шампион во велосипедизам, кој ги повика младите – повеќе да го користат велосипедот како превозно средство, да внимаваат на нивната безбедност и секогаш да користат заштитна опрема (кацига и рефлектирачка облека и сл.).