Денес РСБСП, Отсекот за превенција при СВР Битола, Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата – Битола, Мотоцентар – Скопје и учениците од сообраќајната струка од СОУ „Таки Даскало“ – Битола, на Широк Сокак во Битола реализираа активности од зимската кампања „Користи зимска опрема“. Активностите имаат за цел да ги потсетат возачите на законската обврска за задолжително носење на зимска опрема во периодот од 15 ноември до 15 март следната година, како и да им посочат препораки за одговорно управување со моторно возило со што ќе придонесат за побезбедно учество во сообраќајот при неповолните временски услови во овој период и за намалување на бројот на сообраќајни незгоди.
На возачите во Битола им беше поделен едукативно превентивен материјал за користење на задолжителна зимска опрема и подготовка на возилата за возење во зимски услови.
м-р Гордана Кожуваровска, претседател на РСБСП укажа на последиците од лошите услови на патот врз безбедноста во сообраќајот и упати апел возачите да ги почитуваат правилата и прописите во сообраќајот, да внимаваат на влажните коловози, да ја прилагодат брзината според условите на патот, задолжително да користат зимска опрема за лична безбедност на возачите и за безбедно управување во зимски услови.