Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), во соработка со Отсекот за превенција при СВР Скопје, спроведе засилени превентивни активности во рамки на тековните кампањи „Безбедно на мотор – #НосиКацига “, „Безбедно на велосипед #ЗавртиНаСигурно“ и „Безбедно со тротинет“. Целта на активностите е подигнување на јавната свест и намалување на бројот на повредени лица кои управуваат со мотоцикл, велосипед или електричен тротинет
Активностите беа реализирани на две клучни локации во Скопје – Градскиот парк, како централно место за рекреација и движење на овие учесници во сообраќајот, како и Булеварот Илинден, кој е една од најфрекфентните сообраќајници во градот.
Во текот на акцијата беа дистрибуирани едукативни материјали, беа спроведени разговори со возачите и беа дадени практични совети за правилно и прописно учество во сообраќајот, почитување на Законската регулатива и носење задолжителна заштитна опрема.
Преку овие сеопфатни превентивни кампањи, РСБСП и Министерството за внатрешни работи испраќаат јасна порака: безбедноста на најранливите учесници во сообраќајот е приоритет. Апелот до учесниците во сообраќајот е да внимаваат, да носат заштитна опрема, да се движат внимателно и одговорно, и да бидат пример во сообраќајот преку почитување на правилата и прописите.
РСБСП укажува: Сите заедно можеме да направиме улиците побезбедни!








