Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот и Министерството за внатрешни работи во Охрид реализираа активности од зимската и новогодишната кампања и делеа едукативен материјал за да ги потсетат возачите на законската обврска за задолжително носење на зимска опрема, како и да ги почитуваат правилата и прописите во сообраќајот за време на претстојните новогодишни празници и особено, да не седнуваат зад воланот доколку пиеле алкохол.. „Новогодишните празници се карактеризираат со поголема раздвиженост на луѓето, празнично расположение и поголема густина во сообраќајот, но не смеат да се запостават ни ниските температури и лизгавите коловози.Затоа, РСБСП на возачите им препорачува: да не конзумираат алкохол кога управуваат со моторно возило, да ја прилагодат брзината според условите на патот, да не користат мобилен телефон додека возат, задолжително да користат сигурносен појас, да направат зимска проверка на возилото, да се почитува растојанието меѓу возилата, да се избегнува нагло сопирање на возилото и сл. Возете одговорно за среќна и безбедна 2023 година“, рече претседателката на РСБСП Гордана Кожуваровска.
Помошникот министер за односи со јавност во МВР Тони Ангеловски потенцира дека доколку некој пиел алкохол никако не смее да управува возило. „Особено сега во деновите кога се организираат бројни забави, како и за време на новогодишната прослава сите треба да бидеме одговорни за да имаме безбеден сообраќај. Доколку пиете, никако не возете, затоа што тоа може да биде кобно за вас, но и за другите учесници во сообраќајот. Покрај овие апели кои што секојдневно ги упатуваме, веќе на улиците и патиштата може да ги забележите засилените контроли од страна на полицијата, со цел да се санкционираат оние кои со непочитувањето на правилата ја загрозуваат безбедноста на сообраќајот. Мораме сите заеднички да придонесеме за да имаме безбедни и среќни празници“, рече Ангеловски.