Возењето во зимски услови носи ризици и закани за безбедноста во сообраќајот. Токму затоа, РСБСП постојано апелира до возачите за внимателно и одговорно учество во сообраќајот. Во таа насока повторно апелираме до возачите да ја прилагодат брзината на условите на патот, да држат безбедно растојание и да избегнуваат нагли движења како што е нагло запирање на возилото, нагло забрзување, нагло свртување итн.
Во овој период од годината, голема е веројатноста за појава на голомразица на патиштата, особено на осојни места, остри кривини, мостови, подвозници, надвозници итн. Голомразицата сериозно може да ја загрози безбедноста на сообраќајот и за таа цел препорачливо е да не се патува во раните утрински и во доцните вечерни часови.
Користењето на соодветна зимска опрема во голема мера придонесува за безбедно одвивање на сообраќајот кога имаме зимски услови на патиштата. Покрај поголематa безбедност, користењето на зимската опрема e и законска обврска која се однесува за периодот од 15 ноември до 15 март наредната година. Не користењето на зимската опрема се санкционира со парична казна од 45 евра во денарска против вредност или 25 негативни поени. Полицискиот службеник може да му нареди на возачот да го прекине натамошното движење доколку возачот на поседува зимска опрема или одбива истата да ја постави во услови кога состојбата на патот не овозможува безбедно и непречено движење на возилата без соодветна зимска опрема.
Под зимска опрема се подразбира:
За возилата чија вкупна маса не надминува 3500 кг под зимска опрема се подразбира зимски пневмативи на сите четири тркала со минимална длабочина на шарите од 4 мм или летни пневматици на сите четири тркала со минимална длабочина на шарите од 4 мм и синџири за снег за погонските тркала.
За возилата чија вкупна маса надминува 3500 кг под зимска опрема се подразбира зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочина на шарите од 6 мм или летни пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите од 4мм и синџири за снег за погонските тркала.
Со цел да се елиминираат сите заблуди, посебно потенцираме дека во случај кога се користат зимски пневматици не постои обврска за поседување на синџири за снег. Исто така особено важно е тоа што обврската за користење на зимска опрема се однесува за сите возила кои учествуваат во сообраќај на пат независно дали е тоа во населено или надвор од населено место. Комбинацијата, односно истовремена употреба на зимски и летни гуми е исклучутелно опасна бидејки го нарушува процесот и траекторијата на запирање на возилото.
Перцепцијата дека зимските гуми се гуми за снег е погрешна. Зимските гуми се погодни и безбедни за сите температури под 7 степени целзусови. Во услови на ниски температури летните гуми стврднуваат, добиваат карактеристика на пластика и го губат контактот со подлогата, додека зимските гуми се изготвени од таков мматеријал кој и во услови на ниски температури е мек и обезбедува стабилен контакт со подлогата и стабилно управување и запирање на возилото.
Возењето во зимски услови е напорно и непредвидливо и бара постојана концентрација, повеќе вештини и смиреност. Секој возач треба да знае дека во случај на пролизгување на возилото важно е возачот да остане смирен, да не стиска на педалата за гас и на сопирачките, односно да користи моторно кочење се до моментот додека возилото не се стабилизира.
Со оглед на фактот дека речиси секоја година се случуваат несреќи со труење од јаглерод моноксид, уште еднаш потсетуваме да не се загрева возилото во затворена просторија, а исто така во случај на затрупаност на возилото во снег задолжително да се провери дали системот за издувни гасови е слободен бидејки во случај истиот да е покриен со снег постои опасност јаглерод моноксидот да навлезе во внатрешноста на возилото.
Многу мали, навидум небитни работи може да бидат клучни за тоа дали ќе се соочите со одредени несакани ситуации во зима. За таа цел, РСБСП препорачува до возачите навремено да го планираат патувањето и да се информираат за временската прогноза, да ја проверат техничката исправност на возилото, да го проверат антифризот, маслото на моторот, течноста за брисачите, акумулаторот итн. Исто така, препорачуваме до возачите секогаш да имаа во кола стара крпа, лопата, кофа со песок, метла за снег, спреј за одмрзнување на брави итн.