Вие сте тука

Совети и правила за мотоциклисти

Мотоциклистите спаѓаат во групата на учесници во сообраќајот кои  најмногу се  изложени на опасности во сообраќајот  и кај кои што ризикот за здобивање на смртоносни повреди во случај на сообраќајна незгода  е исклучително висок. Во 2016 година,  од 165 загинати лица во сообраќајни незгоди, 13 се мотоциклисти а 2 лица се патници на мотоцикл. Ако се земе во предвид  делот од сообраќајот кој им припаѓа на мотоциклистите тогаш можеме да заклучиме дека  учеството на мотоциклистите во вкупниот број на загинати лица во сообраќајни незгоди е несразмерно висок  во однос на тоа во  колкав дел  од сообраќајот тие  учествуваат.

Законските прописи во Република  Македонија ја предвидуваат обврската за задолжително користење на  заштитна шлем ( кацига),  како за возачот така и за сопатникот и непочитувањето на оваа одредба предвидува санкција од 50 евра во денарска противвредност.

Секој кој се превезува на мотор треба да знае дека користењето на заштитна кацига го  намалува ризикот од здобивање на  смртоносни повреди на главата и во исто време штити од ветар, прашина,  дожд односно овозможува мотоциклистот безбедно да управува со возилото.

Користењето на останатата заштитна опрема како што се заштитна јакна, заштитна облека, заштитно елече, и други додатоци (чизми, наочари, кожни панталони, ракавици, итн. ) се исклучително  важни за безбедноста на мотоциклистите и лицата кои се превезуваат на мотоцикл, но нивното користење не е задолжително со Законот за безбедност на патниот сообраќај  односно користењето на оваа  заштитна опрема е препуштено на свеста  и одговорноста на  мотоциклистите и за жал истата многу често не се користи.  Токму затоа РСБСП апелира до мотоциклистите, секогаш:

  • Носете заштитен шлем (кацига)
  • Внимавајте на брзината
  • Користете ги трепкачите
  • Одржувајте растојание
  • Користете ги двете сопирачки
  • Избегнувајте „мртви агли“
  • Носете рефлектирачки елек и заштитна опрема

Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, секој возач на мотоцикл треба да ги знае и следниве правила:

  • Движењето во група треба да биде еден позади друг
  • Возачот и лицата кои се превезуваат со мотоцикл,  задолжително   носат заштитен шлем на главата за време на возењето на патот
  • За вклучување на јавен пат или на друга сообраќајна површина, кога мотоциклистот се вклучува во сообраќајот од гаража, двор или друга

      слична површина, ако видикот му е закриен со друго возило, објект или        предмет или ако видливоста му е намалена возачот на мотоцикл тоа треба да го направи со туркање, а не со возење

  • Возачот на мотоцикл не смее со мотоциклот со кој управува да преминува преку пешачки премини и пешачки патеки, а со тоа и да ја загрозува безбедноста на пешаците
  • Возачот на мотоцикл не смее да биде под дејство на алкохол или да превезува лице кое е под дејство на алкохол
  • Возачот на мотоцикл не смее да превезува дете помало од 12 години
  • Возачот на мотоцикл не смее да пренесува предмети пошироки од еден метар
  • Возачот на мотоцикл е должен да управува со возилото на начин на кој не се намалува стабилноста на возилото и не се попречуваат другите учесници во сообраќајот, а особено не смее да ги симнува рацете од управувачот, да се придржува за друго возило, да превезува, влече или турка предмети што можат да го попречуваат во управувањето со возилото или да ги загрозуваат другите учесници во сообраќајот
  • Полицискиот службеник на самото место привремено ќе му ја одземе возачката дозвола и ќе го исклучи од сообраќај возачот на мотоцикл  кој  управува со мотоцикл без заштитен шлем   и кога  лицата кои се превезуваат не носат или одбиваат да носат заштитен шлем за време на возењето на патот.

РСБСП исто така потсеува дека во овој период од годината особено важно е одржувањето на мотоциклот. За почетокот на пролетната сезона секој мотоциклист  треба да ги  направи  следниве основни проверки  на мотоциклот :

  • Да го замени  маслото и филтерот и да ја  провери  течноста за ладење на моторот.
  • Да го исчистете или замени  филтерот за воздух
  • Да ги провери  сопирачките  и  течноста во сопирачките (глицеринот)
  • Да го провери  притисокот на воздух во гумите и дебелината на шарата на гумите.
  • Да го провери  и наполни   акумулаторот.
  • Да ги прегледа  конзолите и  да го подмачка  синџирот.
  • Да ги провери  сите светла/сијалички.
  • Да провери  дали гаста, кумплугот и сопирачките функционираат правилно.

РСБСП  на почетокот на сезоната за мотоциклисти апелира до мотоциклистите да бидат внимателни и одговорни во сообраќајот, да внимаваат на правилата за ограничување на брзината и да користат  кациги и останата заштитна опрема за пасивна безбедност. Исто така апелираме и до другите учесници во сообраќајот да внимаваат на мотоциклистите и да ги почитуваат како рамноправни учесници во сообраќајот. Посебно апелираме до родителите  да не подлегнуваат под притисокот и барањата на своите деца, да не им овозможуваат „ опасни играчки“ без претходно да им обезбедат основни знаења и способности за правилно и безбедно учество во сообраќајот.

Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата

 

Ваши предлози и коментари

Преку овој формулар можете да изнесувате корисни идеи, предлози и проекти од сите сфери во безедноста на сообраќајот.

Компании кои се грижат за безбедноста во сообраќајот

© 2019 rsbsp.org.mk | РСБСП E-mail
Developed by Kajgana Media