Денеска во градинката „Бубамара- Пчелка 1“ во општина Аеродром, населба Лисиче, беа спроведени активности во рамки на кампањата за поголема безбедност на пешаците во сообраќајот.
Дечињата од градинката со песни, стихозборки, цртежи и игра учеа за правилата во сообраќајот.
– Ние како градинка многу време посветуваме на сообраќајот, дечињата од најраната возраст со разни игри, песни и стихотворби се доближуваат до сите правила и прописи кои треба да ги почитуваат, изјави директорката на градинката Весна Босилјанова.
Кампањата за поголема заштита на децата во сообраќајот интензивно се спроведува во изминатиов период и истата ќе продолжи да се реализира и во наредниот период низ градинките во цела Македонија.
– Целта на оваа кампања е да ги оспособиме децата да ги препознаат опасностите во сообраќајот, но исто така преку децата се обидуваме да допреме и до возрасните и да ги повикаме тие да бидат повнимателни во сообраќајот, затоа што безбедноста на децата во сообраќајот е одговорност на возрасните, подвлече секретарот на РСБСП, Ристо Манчев.
Сообраќајната култура и етика, како и навиките на однесување се градат од најрана возраст и тоа е вистинскиот начин да се создаде нова генерација со поголема сообраќајна култура.