Летото и годишните одмори се во полн ек, а сончевото и топло време сѐ повеќе мамат да го организираме нашето следно патување. Безбедно, одговорно и непречено патување е целта на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата. За таа цел, и ова лето советува како подобро да се подготвите и како безбедно и удобно да патувате во летниот период.
1. Патувајте по утврден план и маршута и истиот споделете го со своите најблиски. Пред да тргне на пат, секој возач треба да има утврден план: по која маршута ќе вози, каде и кога се создава сообраќаен метеж, каде и кога има пречки на патот, каде и кога има застоj во сообраќајот, каде ќе одмори итн. Планот треба да биде реален, со почести паузи и да биде добро осмислен за да може возачот соодветно да се одмори и да патува спокојно и без да се нервира.
2. Одберете апликација за мапи со GPS или на мобилен телефон и истата анализирајте ја пред да го започнете патувањето. Пред да започне патувањето, потребно е да се програмира GPS системот и да се проверат и анализираат мапите. Програмирањето на GPS системот за време на возењето одвлекува внимание и ја загрозува безбедноста во сообраќајот. Најбезбедно е да користите гласовна навигација.
3. Задолжително направете превентивен технички преглед на возилото. Летните одмори се карактеризираат како патувања на подалечни дестинации, а со цел безбедно и удобно да патувате неопходно е да направите превентивен преглед на техничката исправност на возилото (проверка на маслото во моторот, проверка на течноста за ладење на моторот, проверка на притисокот на гумите, проверка на сопирачките, светлата, системот за ладење и др.)
4. Почитувајте ги сообраќајните правила и прописи и почитувајте ја поставената сообраќајна сигнализација. Ризик и закана за безбедноста на сообраќајот и закана за животот и здравјето на сите учесници во сообраќајот се: брзото возење, возењето под дејство на алкохол и не-почитување на сообраќајната сигнализација. Затоа, за безбедно и сигурно патување, бидете одговорен возач, почитувајте ги сообраќајните правила и прописи и почитувајте ја поставената сообраќајна сигнализација.
5. Не го потценувајте заморот, правете почести паузи и почесто одморајте. Една од најчестите грешки на возачите во лето е предолгото возење. Истражувањата покажуваат дека возачот најдобро е да одмора на секои 200 до 300 поминати километри, односно на секои 3 до 4 часа возење. РСБСП со препорака до возачите: „Практикувајте го овој совет и одморајте дури и тогаш кога мислите дека не ви е потребен одмор. За време на одморот останете смирени и запомнете дека одморот е време да се опуштите, а не да мислите на автомобилот и на патувањето.“
6. Не го употребувајте мобилниот телефон додека возите. Долгото возење може да биде здодевно, но возачот мора да се спротивстави на искушението да посегне по мобилниот телефон. Оставете го телефонот на страна и користете услуга на автоматски пораки.
7. Посветете должно внимание на оние со кои го делите патот. Мотоциклистите и велосипедистите се особено активни овој период од годината. Почитувајте ги, оставете им соодветен простор кога ги престигнувате и бидете екстра внимателни, особено во услови на намалена видливост, рано наутро или во самрак.
8. Секогаш бидете подготвени за итни случаи. Не тргнувајте на пат без да го проверите сетот за прва помош, резервната гума и помошниот алат. Несакани ситуации се случуваат тогаш кога најмалку очекувате. Бидете секогаш подготвени.
9. Не го оставајте резервоарот за гориво полн под половина од нивото. Искусниот возач никогаш не вози на резерва. Сообраќаен метеж, заобиколување препреки на патот или погрешна проценка можат да ве остават на пат без гориво. Затоа, навремено ставете гориво.
10. Внимавајте на товарот. Товарот секогаш треба да биде соодветен според големината и моќноста на возилото и секогаш треба да биде добро обезбеден. Големиот товар може да ја загрози техничката исправност на возилото и да го загрози безбедното управување со возилото, а необезбедениот товар може да ја загрози безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Бидете внимателни со товарот, товарете соодветно, осигурете го и проверете го товарот неколку пати.
Доколку ги следите советите на РСБСП, вашето патување ќе биде безбедно и сигурно.